Мицкоски бил мета на закани од исламистички групи поради поддршката на Израел
ВМРО-ДПМНЕ извести дека по поддршката од страна на лидерот Христијан Мицкоски на правото на самоодбрана на Израел тој се соочил со големи организирани напади од страна на радикални исламистички структури кои му се закануваат по однос на неговиот живот и животот на неговото семејство. Опозициската партија реагира што досега не виделе никаква реакција од МВР за да го заштити претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговото семејство.
Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ направи паралела за според него двојните аршини на МВР под водство на Спасовски, кое во едни случаи експресно реагира, а во други, кога треба да се заштити некој политички неистомисленик на Заев, нема реакција.
-Во едни многу, многу поблаги ситуации кога обичен човек ќе го искритикува на пример Зоран Заев или ќе напише нешто за него на фејсбук, полиција влегува во домовите на граѓаните, врши претрес во нивните домови, им одзема лаптоп и мобилни телефони, а овде каде што имаме директни закани по животот и безбедноста нема никаква реакција, потенцира Николоски.
Николоски го повика МВР да реагира, во спротивно како што кажа тој тоа ќе значи дека Оливер Спасовски и Зоран Заев ова го прават намерно и тенденциозно.