Мицкоски бара да се спречи договорот со Бугарија со народ на улиците


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска излезе со тврдење дека барањата што се составен дел од Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент ќе бидат дел од преговарачката рамка на државава со ЕУ и најави предупредувачки протести на опозициската партија во Скопје и во 10 други градови во земјата со барање документот за којшто преговараат премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски со техничата Влада во Бугарија да биде ставен на увид на јавноста.

-Од високи дипломатски извори и од Брисел, но и од официјална Софија, дознаваме дека барањата коишто се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот Парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ и од тој момент билатералниот проблем којшто ние го имаме со официјална Софија, а се однесува на посебноста на македонскиот народ, култура, традиција, обичаи, македонскиот јазик, антифашистичката борба, практично сите оние проблеми коишто се содржани во Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент ќе бидат практично проблем којшто ќе го имаме ние со ЕУ, односно од билатерален проблем, проблемот ќе прерасне во проблем помеѓу Македонија и ЕУ, рече Мицкоски во изјава по редовниот брифинг со новинарите.

Ова, според него, може да се спречи само на еден начин – а тоа е јавноста со својата критика и истовремено народ на улиците. Во рамките на тоа, ВМРО-ДПМНЕ секој ден почнувајќи од утре ќе ги блокира на три места Скопје и уште 10 градови во периодот од 15 до 17 часот се додека, како што потенцираше тој, на јавноста „не и биде покажан документ, патоказ или како сакате наречете го“ за којшто преговара двоецот Заев – Бучковски со официјална Софија, а се однесува на прифаќање на Декларацијата што е усвоена во бугарскиот Парламент во 2019 година да биде дел од преговарачкиот процес.

-Или да бидам чекор попрецизен, тоа е првиот кластер „фундаменталс“, така што како народ, како нација и како држава доколку ова е дел од преговарачкиот процес ние ќе бидеме практично доведени пред двоен избор, а тоа е или асимилација, бугаризација за еден ден кога ќе ги завршиме неопходните реформи бидеме дел од ЕУ или замрзнување и напуштање на сонот за ЕУ. Затоа апелирам до сите политички партии, без разлика дали се леви, десни или центар, без разлика дали се парламентарни или надвор од Парламент да се приклучат на барикадите затоа што македонскиот народ, македонската нација заслужуваат одбрана во овој момент да не биде после тоа доцна. Затоа што грешката денеска која што ќе се направи може да има влијание на иднината на сите оние генерации коишто се неродени, но и сите оние генерации коишто практично се денеска со нас и коишто треба нас да не наследат, рече Мицкоски.

Упати порака и апел до Европската унија дека граѓаните заслужуваат почеток на преговори без условување и дополнителни патокази и договори и побара тоа да биде направено на 21 јуни.

-Македонскиот народ, македонската нација, македонската држава заслужува без условување, без дополнителни патокази, без дополнителни договори уште од 2009 година почнување на преговорите со ЕУ. Ние ги споделуваме вредностите коишто ги споделуваат жителите на земјите членки на ЕУ. Македонскиот народ, нација и држава се вратата на Европа.  Ние го спроведуваме сонот на Аденауер, Шуман за обединета Европа. Затоа апелирам до вас  – оставете ги овие хегемонистички барања од официјална Софија коишто ја негираат посебноста на македонскиот јазик, идентитетот, историјата,  културата, обичаите. Истапите со вредностите на коишто почива идејата за ЕУ. Дајте ни дата да почнеме со преговори со вас и таа дата да биде сега на 21 јуни. Овој народ тоа го заслужува. Можеби тоа не го заслужува Зоран Заев и оваа влада, со сигурност не. Но, овој народ тоа го заслужува. Оваа нација и оваа држава тоа го заслужуваат. Немојте дополнително да го притискате, тој е доволно уценет човек. Него не му требаат дополнителни отстапки. Овој народ не може тоа да го прифати, рече Мицкоски.

Ние сме, додаде тој, за достоинствени преговори и ќе ви покажеме дека можеме и заслужуваме да бидеме дел од вас на таа маса.

На брифингот со новинарите, Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ во контекст на локалните избори разговара со опозициски партии што се одѕвале на нивниот повик, со исклучок на една – две, дека веќе од почетокот на јули ќе се знаат некои од кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но оти за Скопје, кандидатот за градоначалник ќе биде познат дури во септември.

Коментирајќи ја новата платформа на ДУИ, тој во изјава за медиумите кажа дека смета оти тоа што беше кажано од ДУИ за преминување на платформата од национално-националистичка кон зелена претпоставува дека е дел од нивната кампања што ќе ја водат на локалните избори иако денеска „демантот стигна дека тоа е само убаво напишана на хартија“.

-Еве, ве повикувам од тука да се упатите во Кичево, во Осломеј, во Зајас, во Трапчин Дол и да погледате каков чад излегува од ТЕЦ „Осломеј“. Тоа личи на се, само не личи на зелена агенда.  Жалам што политиката се претвори во ПР-алатка и слово на хартија а нема дела, па така би ја карактеризирал и ова кое што вие денеска ми го поставувате како прашање се однесува на новата новата платформа која што од национална преоѓа во зелена платформа, рече Мицкоски.

Тој денеска повторно предупреди дека следува зголемување на цената на електричната енергија за, како што рече, најмалку 15 отсто и очекува тоа да се знае најдоцна за десетина дена. Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ, доколку дојде до тоа, ќе поднесе предлог до Парламентот за намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто.

-Во ред нека е нивен (предлогот), но нека поднесат предлог за намалување на данокот и на тој начин ќе ги заштитат граѓаните и нивните сметки.  Државата ќе се откаже од 90 до 100 милиони евра на сметка на граѓаните.  Доколку Бислимоски не го поднесе предлогот ќе го сметаме за соучесник во пљачката и осиромашување на овој народ и ќе се соочи со гнев и протести е до негова оставка биејќи тој е најодговорен, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека судијата – поротник во случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ Митко Сандев иско исполнува услови за пензија поради притисок од претпоставените не заминува во пензија.

Што се однесува до случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, наведе Мицкоски, запамтете го името на Митко Сандев. Тоа е човекот којшто е судија-поротник, којшто ги исполнува услови, поради притисок од претпоставените не заминува во пензија. Целта, како што кажа Мицкоски, е да се држи ВМРО-ДПМНЕ како дел од случаите „Талир 1“, „Талир 2“ иако тие случаи се започнати 18 месеци по истекот на Законот за СЈО, и имотот и ресурсите на партијата да бидат заробени.

-Така што, Митко Сандев е човекот којшто денеска му служи како алатка на судот, а индиректно на Заев којшто е исто така дел од Статутарната комисија на партијата на пензионери, иако ги исполнува условите за пензија да седи спротивно на сите закони таму каде што седи и практично да му овозможи на СДСМ и Зоран Заев дополнителна предност на овие локални избори со тоа што ќе ги држи активни предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ каде што, ќе потсетам, незаконски спротивно од сите законски рокови е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ.