Мерките за изолација спасиле околу 600 милиони луѓе од заразата


Широко преземените мерки на изолација, вклучително и мерките за затворање на продавниците и училиштата, ја намалиле стапката на пренесување на новиот коронавирус во Европа, доволно неговото ширење да биде ставено под контрола и можеби спречиле повеќе од три милиона смртни исходи, објавија научниците во понеделникот.

Во студијата за влијание на мерките за изолација во 11 европски земји, научниците од лондонскиот Imperial College наведуваат дека драконските мерки, воведени во март, имале значителен ефект и дека придонеле за намалување на стапката на репродукција на болеста под еден од почетокот на мај.

Стапката на репродукција покажува колку во просек луѓе заразува едно инфицирано лице. Стапката поголема од вредноста 1 може да доведе до експоненцијален раст на ширењето на заразата.

Научниците од Imperial College, во својата студија објавена во списанието Nature, процениле дека од почетокот на мај меѓу 12 и 15 милиони луѓе во 11 земји (Австрија, Белгија, Велика Британија, Германија, Данска, Италија, Норвешка, Франција, Швајцарија, Шведска и Шпанија) биле заразени со новиот коронавирус.

Споредувајќи го бројот на починатите со бројот на смртните исходи предвидени со нивниот модел доколку не беа воведени никакви мерки, утврдиле дека се спречени 3,1 милиона смртни случаи од Covid-19.

Во засебно истражување на научници во САД, објавено исто така во Nature, се проценува дека мерките за изолација во Кина, Јужна Кореја, Италија, Иран, Франција и САД, спречиле или барем одложиле околу 530 милиони случаи на зараза.