Меркел: Државната помош за компаниите не може да трае до недоглед


Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека огромната помош на државата за компаниите погодени од корона-кризата не може да продолжи до недоглед во сегашниот обем.

– Сојузната Влада, покраините и советите мора да работат заедно, добро и конструктивно, за да ја надминеме пандемијата и нејзините последици на најдобар можен начин, рече Меркел во неделното видеообраќање.

Бундестагот во вторник треба да расправа за буџетот за следната година, а се очекува повеќе од една третина од буџетот да се финансира со задолжување, пишува SeeBiz.

Коалициската влада планира следната година да позајми дополнителни 180 милијарди евра, а Меркел застана во одбрана на дополнителното задолжување.

– Ако голем број компании пропаднат и милиони работни места бидат изгубени, тоа ќе нè чини уште повеќе, и финансиски и социјално, предупреди Меркел.

Таа додаде дека во 2021 година државата може повторно да потроши големи суми пари, благодарение на заштедите од претходните години.