Мерц: Обидите за забрана на АфД нема да го „решат проблемот“


Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, ги критикуваше обновените повици за забрана на крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), посочувајќи дека тие нема да го „решат проблемот.

Тој на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Берлин, изјави дека не верува оти забраната би го „решила проблемот за кој гласачите на партијата во Германија сметаат дека постои“.

Крајнодесничарската партија пред три дена оствари убедлива победа во источната покраина Саксонија-Анхалт и за малку не освои апсолутно мнозинство со добиени 43,8 отсто од гласовите.

По победата, премиерот на најголемата германска покраина повторно повика на истрага на Сојузниот уставен суд за антиуставните ставови на партијата, со цел да се разгледа можноста за нејзина забрана.

Хендрик Вист, кој ја предводи западната покраина Северна Рајна-Вестфалија, изјави дека експертска комисија треба да ја истражи АфД која ја опиша како „партија која, барем во некои сојузни покраини, следи антиуставни цели“.

Според германското законодавство, Сојузниот уставен суд може да забрани политичка партија, но само доколку тоа и официјално биде побарано од едниот од двата дома на Парламентот или од сојузната влада.

Предлогот на Вист брзо беше отфрлен од двајца други покраински премиери, а Мерц синоќа предупреди дека условите за забрана претставуваат „многу висока пречка“.

„Наместо тоа, главните партии треба да се обидат да ги придобијат назад гласачите на АфД, нудејќи им убедлива политичка програма“, изјави германскиот канцелар.

Минатата година германските служби за внатрешно разузнавање ја класифицираа АфД како „докажано“ екстремистичка организација, иако класификацијата беше привремено укината до завршувањето на судската постапка што се води против партијата.

Неколку локални структури на партијата во источна Германија добија таква класификација, што е предуслов истите да бидат ставени под надзор.