Менаџмент консалтингот е двигател на стратегиски трансформации: МКА 2000 одбележа 25 години од основањето

Менаџмент консалтинг асоцијацијата (МКА) 2000 денес одржа брифинг со новинари по повод својата 25-годишнина, со цел да ги сподели своите постигнувања и идните планови за развојот на менаџмент консалтингот во Македонија и регионот.
„Одбележуваме многу важен јубилеј на 25 години на постоење, години исполнети со посветеност, раст и визионерство. Континуитетот низ шест претседателства, управни и надзорни органи, сведочи за стабилноста на нашата заедница. Од иницијатива за собирање на менаџмент консултантите, до нивното вмрежување и меѓународна интеграција – оваа приказна е доказ за визијата што ја градиме,“ истакна Глигор Михаиловски, претседател на МКА 2000, притоа соопштувајќи дека асоцијацијата во последните две години бележи трикратно зголемување на членството, што сведочи за зголемената потреба од професионални консултантски услуги во граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор.
Михаиловски се осврна и на клучната улога на менаџмент консултантите како двигатели на стратегиски трансформации, организациски адаптации и економски иновации.
„Онаму каде што има советување за менаџмент процеси, структурирање на организациски позиции и изнаоѓање на одржливи стратегии, таму суштинска улога има менаџмент консултантот. Нашата мисија е да ја потенцираме таа вредност пред компаниите, институциите и граѓанските организации,“ нагласи Михаиловски.
Ристо Иванов, поранешен почесен претседател на МКА 2000, се осврна на развојот на асоцијацијата, истакнувајќи ги клучните моменти што ја дефинирале нејзината професионална траекторија.
„Во 2000 година, група ентузијасти ја формираа МКА 2000 со јасна визија – да ја постават консултантската професија на цврсти и стандардизирани основи. Еден од најзначајните чекори во тој процес беше сертификацијата на првите 10 менаџмент консултанти во 2003 година, а уште поголем импакт донесе иницијативата во 2009 година, кога со поддршка од ЕБРД беа сертифицирани 40 нови консултанти. Ова постави основа, во 2011 година, асоцијацијата да добие акредитација од Меѓународниот совет на менаџмент консултантски институти, стекнувајќи право да го издава престижниот CMC® сертификат,“ изјави Иванов.
Иванов нагласи дека покрај националниот развој, МКА 2000 одигра значајна улога и на регионално ниво. Со својата експертиза, асоцијацијата помогна во формирањето на консултантски организации во Албанија и Косово, каде што се сертифицирани 25 консултанти. За оваа активна улога, во 2014 година МКА 2000 беше призната како најдинамична консултантска асоцијација во Југоисточна Европа.
„Овие иницијативи беа клучни за подигнување на професионалните стандарди во регионот и за препознавање на значењето на сертифицираните менаџмент консултанти. Нашата работа доби дополнителна тежина со учеството во Советот за конкурентност на Владата, каде што активно придонесуваме кон дефинирање на критериуми за избор на консултанти во јавните набавки, а CMC® сертификатот е препознаен како знак на квалитет,“ додава Иванов.
Валерија Соколова Стојановска, извршна директорка на МКА 2000, истакна дека менаџмент консалтингот е професија на трансформација, која нуди стратешки пристап, анализа и истражување за поддршка на граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор.
„Нашата мисија не е само да нудиме решенија – туку да градиме капацитети и одржливост. На 30 мај, на регионалната тркалезна маса, ќе ги споделиме нашите искуства, ќе ги анализираме предизвиците и ќе го дефинираме следниот чекор за нашата улога во општеството. Еден од значајните исчекори што МКА 2000 го направи во изминатиот период е вклучувањето на правните лица како членови на асоцијацијата, што е важен чекор кон консолидирање и проширување на консултантските услуги“ рече Соколова Стојановска.
Извршната директорка на МКА 2000 посочи дека освен на институционалниот развој, активно се работи на родова еднаквост, со цел зголемување на бројот на жени во професијата.
„Во моментов, жените претставуваат околу 40% од членството, но нашата цел е да го надминеме прагот од 50% и да овозможиме уште поголема инклузивност во консалтингот,“ нагласи Соколова Стојановска и додаде дека асоцијацијата го проширува своето меѓународно присуство, градејќи партнерства не само на регионално ниво, туку и во рамките на Европската Унија, како дел од пошироката стратегија за поврзување и размена на добри практики.
„Ова се само дел од постигнувањата што ги реализиравме во последниот период, а продолжуваме со нови иницијативи кои ќе го подигнат квалитетот на менаџмент консалтингот на уште повисоко ниво,“ заклучи Соколова Стојановска.
Елена Иванова, член на Управниот одбор на МКА 2000, нагласи дека улогата на менаџмент консултантите не се сведува само на советување, туку и на подигнување на свеста за потребата од стратешка поддршка во секоја фаза од развојот на приватниот сектор.
„Нашата работа е да развиваме свест дека менаџмент консалтингот е суштинска потреба за одржлив развој. Првиот чекор е да бидеме препознаени како неопходен фактор во општеството, а потоа да ја завршиме нашата работа – да понудиме квалитетни и ефективни решенија. Ова е заедничка одговорност на професионалната заедница, но и на донаторските организации и граѓанскиот сектор, кои ја поддржуваат оваа професија, но сè уште немаат доволна моќ да ја променат перцепцијата кон улогата на консултантите“ истакна Иванова.
Во своето излагање, Иванова се осврна и на предизвикот на дигиталната трансформација и интеграцијата на вештачката интелигенција во секој аспект на деловното работење.
„Дигиталната трансформација не е само процес, туку и потреба што ги редефинира начинот на кој работиме. Како менаџмент консултанти, мора постојано да се едуцираме за новите технологии – не само за да им помогнеме на клиентите, туку и за да останеме релевантни во нашата професија. Оваа промена ќе го направи менаџмент консалтингот подостапен и привлечен за младите генерации,“ додаде Иванова.
На брифингот беше најавен и следниот голем чекор во заложбите на МКА 2000 за унапредување на менаџмент консалтингот, а тоа е регионалната тркалезна маса „Менаџмент консалтинг – Вчера. Денес. Утре.“, која ќе се одржи на 30 мај 2025 година во хотел „Александар Палас“, Скопје. Настанот ќе обезбеди простор за продуктивна дебата и размена на искуства меѓу водечките консултанти, претставници од бизнис секторот, институциите и меѓународните партнери на МКА 2000.