МЕМО ги издаде првите Гаранции за потекло на електрична енергија од обновливи извори на АД ЕСМ


Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска официјално ги издаде првите Гаранции за потекло на електрична енергија на АД ЕСМ. Со овој документ потврдуваме дека електричната енергија за која се издадени гаранциите на потекло потекнува од обновлив извор на енергија.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ги додели сертификатите за Гаранции за потекло на генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

На состанокот во МЕМО, на кој присуствуваа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, претставници од раководството на ЕСМ и МЕМО, беше нагласено дека ова претставува значаен чекор и потврда за посветеноста на АД ЕСМ кон одржливо производство и транспарентност во снабдувањето со електрична енергија.

Министерката Божиновска подвлече дека гаранциите ќе овозможат транспарентен и одржлив енергетски пазар и се доказ за потрошувачите дека користат енергија од обновливи извори.

„Ова е значајна реформа и упатувам честитки за ЕСМ, бидејќи првите издадени Гаранции се однесуваат на електрична енергија произведена од хидроенергетските капацитети на АД ЕСМ кои користат чиста и обновлива енергија од вода“, рече Божиновска и нагласи дека овој чекор претставува напредок во реализацијата на зелената транзиција во Македонија, која е во согласност со европските стандарди и цели за одржлив енергетски развој.

Узунчев, изрази задоволство и истакна дека добивањето на првите Гаранции за потекло се значаен момент за компанијата и енергетскиот сектор во земјата.

„Ова е доказ за нашите континуирани напори за производство на електрична енергија на еколошки начин и нашата посветеност кон зелената транзиција. Гаранциите ќе им овозможи на нашите клиенти сигурност во потеклото на енергијата што ја купуваат и ќе придонесе кон зголемување на свеста за важноста на обновливите извори,“ нагласи Узунчев.

Со сертификатот издаден од МЕМО, секој купувач на електрична енергија на македонскиот пазар на електрична енергија ќе има јасна и веродостојна потврда дека набавува енергија произведена од еколошки прифатливи извори.

Ѓорѓиевски ја истакна важноста од симболиката што првите гаранции за потекло се издадени на АД ЕСМ, што посочува на исклучителна посветеност на државата кон независна, стабилна и енергетска одржлива иднина. Во таа насока е и целосната поддршка и посветеност на министерството во процесот на воспоставување на системот за Гаранции за потекло, како дел од зелената енергетска транзиција на државата. За таа цел и додели благодарница на министерката Божиновска за нејзините заложби, македонскиот пазар на електрична енергија да го продолжи својот раст во транспарентен, усогласен и современ пазар на електрична енергија.

„МЕМО согласно планот, го имплементира системот за Гаранции за потекло во соработка со Grexel – водечка европска компанија во оваа област. Гаранцијата за потекло е електронски документ кој им овозможува на потрошувачите јасен доказ дека одреден дел од електричната енергија што ја користат е произведена од обновливи извори. Голем број компании веќе се во процедура за приклучување кон Регистарот на Гаранции за потекло, а ние како одговорен оператор активно работиме на нивно издавање, евидентирање и признавање. Ова е значаен чекор кон поголема транспарентност и доверба во потеклото на електричната енергија,“ истакна Ѓорѓиевски.

Правилата за администрирање на Гаранциите за потекло, донесени од МЕМО, се усогласени со Законот за енергетика, Уредбата за Гаранции за потекло и стандардите на Асоцијацијата на издавачи на Гаранции за потекло (AIB). Овие правила се усогласени и со принципите на Европскиот систем за енергетски сертификати (EECS) и заедно со напорите на МЕМО кон целосно членство во AIB ќе осигура целосна прифатливост на европскиот пазар.

На состанокот, раководството на АД ЕСМ подвлече дека продолжува со интензивни напори за зголемување на производството на енергија од обновливи извори, вклучувајќи изградба на нови ветерници и фотонапонски електрани. Компанијата ќе продолжи да работи на добивање Гаранции за потекло и за овие извори, со што придонесува кон позелена и поодржлива енергетска иднина.

Со воспоставувањето на системот за Гаранции за потекло, Северна Македонија прави значаен чекор напред кон поголема одржливост, конкурентност и доверба во енергетскиот сектор, овозможувајќи дополнителна вредност за производителите и потрошувачите на електрична енергија.