Мексико: Убиен новинар откако се нашол во вкрстен оган при напад на полиција


Мексиканскиот новинар Хесус Гиутиерез, кој раководел со локалната страница за вести Нотифајс (Notifice) на Фејсбук, е убиен вчера во северниот мексикански град Сан Луис Рио Колорадо, откако бил фатен во вкрстен оган за време на напад врз полицијата.

Нотифајс ја потврди неговата смрт, пишувајќи: „Мислиме дека го убија најдобриот новинар“.

Обвинителите во северната погранична држава Сонора изјавија дека Гутиерез разговарал со полицајци, кои му биле соседи, кога се случило пукањето.

Еден полицаец е убиен, а тројца други се ранети, додека смртта на Гутиерез е „колатерална штета“ од нападот врз полицијата, соопштија обвинителите.

Сан Луис Рио Колорадо, лоциран спроти Јума, Аризона, е пограничен град во кој Американците доаѓаат за евтини рецепти и стоматолошки интервенции.

Меѓутоа, градот се повеќе е цел на насилничкото однесување на мексиканските нарко картели.

Мексико стана едно од најсмртоносните места во светот за новинарите надвор од воените зони. Само во изминатите пет години, Комитетот за заштита на новинарите ги документира убиствата на најмалку 52 новинари во Мексико.