Мексико: 1.000 смртни случаи за 24 часа не се причина за вознемирување


 

Претседателот на Мексико се обидува да го отстрани стравот кај граѓаните од епидемијата од корона вирус наведувајќи дека 1.000 смртни случаи во еден ден „не се причина за вознемирување“.

Во средата вечерта министерот за здравство Уго Лопес-Гатал рече дека во Мексико за 24 часа регистрирани се 1.092 смртни случаи, двојно повеќе од претходниот ден и најмногу до сега.

Претседателот Андрес Мануел Лопес Обрадор објасни дека не се сите смртни случаи во последните 24 часа, туку некои датираат од порано, а дека само подоцна се регистрирани, пренесе Би-би-си.

„Мора да останеме внимателни и да држиме дистанца, но не треба да има психоза или страв“, рече тој на конференција за медиумите.

Критичарите на Обрадор оценуваат дека претседателот доцна реагирал на пандемијата и дека е прерано ги укинале рестриктивните мерки тврдејќи дека рестартирањето на економијата е од клучно за животниот стандард на граѓаните.