Меѓународен натпревар на готвачи на „Чкембе фест“ во Битола
Под мотото „Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам“, синоќа во Битола почна првиот меѓународен натпревар на готвачи од Македонија, Турција и Унгарија, учесници на манифестацијата „Чкембе фест“.
Викенд натпреварот кој се одржува на плоштадот „Магнолија“ во Битола го отвори градоначалникот Тони Коњановски кој истакна дека новата оригинална манифестација е можност за современа туристичка и гастрономска понуда.
-Гастрономијата и туризмот, културата и забавата, како инспирација за фестивалот, се нова можност Битола да добие уште еден препознатлив настан кој ќе прерасне во традиционален. Гостопримството на Битола повторно се претставува пред домашите и странски посетители, истакна Коњановски.

Првите количини чкембе чорба беа вкусени синоќа, а денес ќе се одвива натпреварувачкиот дел во кој ќе учествуваат девет готвачи од Битола, Куманово, Скопје и од турскиот град Измир. Готвачите ќе ги оценува стручна комисија, а најдобрите ќе бидат наградени на свечена гала вечера.
Првото издание на манифестацијата „Чкембе фест Битола 2026“ го организираат Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ од Битола.