Меѓународен ден на џезот со концерти во МНТ и „Ибни Пајко“


Националниот џез оркестар денеска организира централен настан по повод Меѓународниот ден на џезот – 30 април кој ќе се одвива на две локации – Паркот “Ибни Пајко” и Македонскиот народен театар – Скопје.

Во Македонски народен театар ќе се одржи Концерт на американскиот пијанист Брајан Марсела и неговото трио. Ова, велат организаторите, е настан со кој нашата земја го одбележува 30 годишниот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и САД.

Во Парк „Ибни Пајко“ ќе се одржи Џез за деца, концерт на Бојан Цветковиќ Квартет од Србија, (SRB), YoYo Band (BG), Христијан Ристески Квартет (SL/MK/USA), како и Trio Dragobert feat. Milagros Piñera (AU).

Меѓународниот ден на џезот е проглаен во 2011 година од страна на УНЕСКО. Идејата потекнува од џез-пијанистот Херби Хенкок, кој е амбасадор на добра волја на УНЕСКО.

Овој ден се одбележува со концерти, работилници, едукативни програми и јавни настапи во повеќе од 190 земји ширум светот, обединувајќи ги заедниците, училиштата, уметниците и ентузијастите ширум светот. Џезот ја слави културната разновидност, промовира мир и меѓукултурен дијалог, поттикнува родова еднаквост и ја истакнува слободата на изразување.

Оваа година централната прослава на Денот на џезот ќе се случува во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати. Настанот ќе биде предводен од легендарниот пијанист Херби Хенкок и воден од Оскаровецот Џереми Ајронс, а ќе настапат низа најреномирани џез артисти од светот меѓу кои Курт Елинг, Диди Бриџватер, Маркус Милер, Артуро Сандовал, Данило Перез и други.