Меѓу новите покраински пратеници на АфД има поранешен офицер на Штази, поранешен порно актер, неопагани и неонацисти

Новоизбраните претставници на германската екстремно десничарска партија се соочуваат со дополнителни проверки додека партијата се обидува да формира влада во Саксонија-Анхалт


 

Партијата Алтернатива за Германија (АфД) се соочува со преиспитување на подобноста на некои од нејзините идни пратеници – вклучително и поранешен офицер на Штази и поранешен актер во порнографски филмови – само неколку дена по нејзината историска победа во германската покраина Саксонија-Анхалт.

Откако во четвртокот во главниот град на покраината, Магдебург, беа претставени од страна на главниот кандидат на АфД, Улрих Зигмунд, се откри дека некои од новоизбраните членови имаат проблематично минато, вклучувајќи криминални досиеја, поврзаност со Штази и врски со крајнодесничарски мрежи.

Германските медиуми открија дека меѓу 39-те пратеници што ќе ги претставуваат изборните единици низ Саксонија-Анхалт во покраинскиот парламент, се наоѓаат: маж за кого се тврди дека учествувал во порнографски филмови и фалсификувал академски квалификации; поранешен офицер на источногерманската тајна полиција Штази; како и неколку членови кои се под кривична истрага поради вмешаност во неонацистички организации.

Двајца пратеници се соочуваат со истраги поради обвинувања дека се обиделе да ги продолжат активностите на забранетата десничарска екстремистичка организација „Артгемајншафт“ (Artgemeinschaft) – неопаганска група што прифатила националистички и антисемитски идеи. Според јавното обвинителство, за помладиот од нив двајца се тврди и дека го прекршил законот за оружје. И двајцата ги отфрлаат обвинувањата.

Поранешниот актер во порнографски филмови бил осуден за кражба на големо количество постелнина од хотел. Судот потврди дека тој навистина бил актер во порнографски филмови, откако тој ги оспори тврдењата на еден локален весник. Весникот „Цајт“ објави дека тој бил исфрлен од универзитет откако било откриено дека ја фалсификувал својата диплома за завршено средно образование. Пратеникот тврди дека бил повторно примен по правна жалба.

Поранешниот офицер на Штази, на возраст од 78 години, кој освои директен мандат во својата изборна единица, признал дека работел за Министерството за државна безбедност во комунистичката Источна Германија (ГДР), фокусирајќи се на источногерманските граѓани кои сакале трајно да емигрираат.

Неговата улога како новоизбран пратеник беше критикувана од групи кои се залагаат за правата на жртвите на поранешната источногерманска диктатура.

Исто така, истрагата на телевизиската куќа ЗДФ откри дека некои од новоизбраните претставници на АфД, кои биле членови и на претходната пратеничка група, имале врски со десничарски екстремистички групи. Меѓу нив имало и такви кои биле членови на групата „Германска младина лојална на татковината“ (ХДЈ), која подоцна беше забранета. Во еден период, еден од нив ја предводеше организацијата, додека советник на пратеничката група на АфД напиша биографија опишана како „почит кон националсоцијализмот“.

Меѓу потенцијалните пратеници има голем број поединци со врски со Кремљ, како и такви кои се сретнале со членови на движењето МАГА во Вашингтон.

Кога беше замолен да ги коментира спорните биографии – особено оние на двајцата пратеници против кои се води кривична истрага – Зигмунд, поранешен продавач на парфеми, кој во четвртокот едногласно беше реизбран за лидер на пратеничката група на АфД, низ шега ги нарече тие луѓе „лошите момци“ и изјави: „Ќе ги почекаме резултатите од истрагите, а потоа ќе разговараме за нив“.

Самиот Зигмунд предизвика остри критики за време на претставувањето на својата нова пратеничка група, откако го поврза производството на оружје во Германија со планираната партиска офанзива за депортации.

Одговарајќи на новинарско прашање за планираното отворање на израелска компанија за оружје во сојузната покраина, Зигмунд изјави: „Ние не го осудуваме категорично производството на оружје, бидејќи, се разбира, ќе ни бидат потребни соодветни ресурси за идната офанзива за ремиграција и депортација. Ова е исто така во интерес на внатрешната безбедност, нашата сопствена стабилност и националната одбрана“.

Оваа изјава беше искористена од страна на противниците на партијата. Катја Пеле, шефица на пратеничката група на социјалдемократите (СПД) во Саксонија-Анхалт, изјави дека Зигмунд упатил „политичка закана“ сугерирајќи употреба на „насилство како политичко средство“.

„Ова го открива грдото лице на политичкиот систем чиј јазик и идеи повторно потсетуваат на тоталитарни модели“, рече таа.

За овој викенд се планирани протести против АфД во повеќе од 20 градови низ Германија, како одговор на изборната победа на партијата минатата недела и во пресрет на двата клучни покраински избори на 20 септември – во Берлин и во Мекленбург-Западна Померанија – каде што се очекува АфД да постигне добар резултат.