„Мегарон инженеринг“ и СДСМ: Проектот за Универзална сала е стручен и целосно безбеден
Сите позитивни мислења и ревизии на проектната документација се предадени во Град Скопје

Градоначалничката Данела Арсовска, откако го стопираше проектот за изградба на Универзална сала, по двомесечен молк за причините поради кои го стопирала проектот, вчера ги излажа граѓаните, дека проектот е небезбеден, тврдат од владејачката СДСМ, но и од фирмата која го изработи проектот.
– Не е точно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден. Проектот е професионално сработен и одобрен од стручни лица и целосно е безбеден. Овој проект е пратен на мислење на Градежен факултет од каде е одобрен. Одобрен е и од Институтот за сеизмолошки истражувања со што се потврдува неговата безбедност и стабилност за градба. Надзорот за изградба ги има одобрено сите градежни зафати. Сите постапки и процедури за изградба на Универзална сала се запазени во целост – велат од СДСМ.
Истото го тврди и фирмата која го изработи проектот, „Мегарон инженеринг“.
– Проектот за фасадата и куполата се предаде на Град Скопје заедно со стручна ревизија на проектната документација и со позитивно мислење од страна на ИЗИИС и така доби решение за адаптација од Општина Центар. ‘Мегарон инженеринг‘ изработи ревидиран проект за челичната конструкција, откако на лице место се утврдија неправилности на постојните темели и плочи и откако се утврди потреба од нови конструктивни елементи. Таквиот ревидиран проект е повторно пратен во ИЗИИС и повторно е добиено второ позитивно мислење. Сите позитивни мислења и ревизии на проектната документација се предадени во Град Скопје. Ваквите промени се очекувани при зафати на реконструкција на постојни објекти и се во обем кој во никој случај не ја загрозува стабилноста на објектот и безбедноста на луѓето – реагираат на вчерашната прес-конференција на градоначалничката Арсовска од „Мегарон инженеринг“.