МЕФ енергетски форум: Енергетската транзиција мора да биде праведна, истакна премиерот Заев


Северна Македонија е лидер во Западен Балкан во однос на зелена трансформација и е првата земја во регионот која што прави енергетска транзиција на една термоелектрана во капацитет кој ќе произведува електрична енергија со фотоволтаици, беше посочено денеска на почетокот на дводневниот МЕФ Енергетски форум кој по четврти пат е одржува во Скопје.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање е осврна на досегашните и на идните енергетски проекти нагласувајќи дека во нив учествуваат повеќе реномирани европски компании.

Зборувајќи за изградбата на фотонапонска централа во ТЕЦ Оломеј и за Законот за стратешки инвестиции тој нагласи дека вкупниот капацитет на досега проектираните фотонапонски централи е 1.500 мегавати, како и 550 мегавати ветерни централи.

„Учеството на реномирани енергетски компании, како германската ВПД, француската ЕФТ, но и компании од Словенија, Бугарија …, покажува дека добро сме ги спровеле правните реформи и законската регулатива и дека се е во согласнот со европските правила“, рече Заев.

Тој рече дека Северна Македонија во целост го поддржува европскиот зелен договор и зелената транзиција и ја нагласи помошта која што земјата ја добива од Европската комисија во однос на дијагнозата за праведна транзиција и како таа успешно да се спроведе и во нашата земја.

„Зелената транзиција нема да биде успешна доколку не е праведна. Односно, доколку во целиот процес не се земат во предвид и човечката димензија, како и економските и социјалните аспекти“, нагласи Заев.

Заев исто така зборуваше и за проектот Чебрен при што рече дека во тек е втората фаза и дека очекува во почетокот на наредната година да биде познато која од заинтересираните компании има најдобра понуда за овој капитален енергетски објект во земјава.

Во однос на интерконекторот на гас кој ќе ја поврзе земјата со Грција, Заев рече дека заедно со проширувањето на постојниот нафтовод ќе овозможи Северна Македонија да биде дистрибутивен центар во Западен Балкан.

Оваа година темите на МЕФ Енергетскиот форум се фокусирани кон мапирање на енергетската транзиција и ги опфаќаат клучните предизвици на секторот енергетика не само за македонската држава, туку и за регионот и целиот континент, кои се однесуваат на Зелената агенда, екологијата и заштитата на животната средина.

МЕФ Енергетски Форум започна во 2018 година како иницијатива за дијалог помеѓу
Северна Македонија и САД во областа на енергетиката.

Воведни обраќања имаа и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

Aмбасадорката Брнз, посочи дека Амбасадата на САД пред четири години го иницираше првиот МЕФ затоа што ја препозна критичната важност за мапирање на енергетската иднина на регионот.

„Модерниот енергетски сиситем ни овозможи да живееме удобно, но не направивме доволнои да се справиме со негативните последици од користењето на фосилните горива. Загадувањето во Скопје предизвикува значителни здравствени проблеми за граѓаните и треба да преземеме мерки во насока на транзиција на енергетскиот систем“, рече Брнз.

Таа нагласи дека итно треба да се преземат мерки за справување со климатските промени.

„Треба да го промениме начинот на конзумирање на енергија и тоа е наша улога во транзицијата што претстои“, рече Брнз и додаде дека САД го прават својот дел со преземање обврска за намалување на емисијата на стакленички гасови до 55 отсто во 2030 година.

Фокусирани сме, посочи, да им помогнеме на земјите од овој регион за да се чувствуваат енергетски сигурни во нивниот пат за намалување на користењето на јаглеродот.

„Владите ширум Балканот објавуваат планови за финансирање на ОИЕ во наредните шест години и дополнителни инвестиции во преносните капацитети. Ќе ве поддржиме за да можете тоа да го направите“, рече Брнз.

Ќе се поддржи енергетската транзиција, прецизира, со фондови за поддршка на зелени проекти.

„Со проактивност и преминување на енергетски ефикасни уреди и подигнување на свесноста за енергетксата ефикасност и зелената енергија, со воведувањето на технологиите за намалување на стакленичките гласови ќе се создадат огромен број на работни места. Животот на нашите деца ќе бие многу побезбеден доколку сега успееме да ги ублажиме климатските промени“, потенцира Брнз.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека е клучно мапирањето на главните прашања кои се потребни за решавање на прашањата што се поврзани со климатските промени и деградацијата на животната средина.

„Одговорот на ЕУ на ваквите предизвици е таканаречениот Зелен договор, чија цел е за една декада да се постигне намалување на емисиите од 50 проценти. Треба една генерација за да се стигне до нула емисии од јаглерод, а тоа е до 2050 година“, рече Гир.

Нагласи дека зелените инвестиции ќе бидат нивната стратегија за спречување на натамошни климатските промени. Посочи дека земјава презеде значителни чекори со усвојувањето на петгодишна програма за имплементирање на стратегија за енергетски развој и интегриран план за енергија кој има за цел намалување на јаглеродот, како и мерки за спроведување на Зелениот договор во Западен Балкан. Прва држава е во регионот, истакна, која почна рудниците да ги заменува со соларна енергија и планира инвестиции во геотермални, хидро и соларни ресурси.

„Диверзификација на обновливите ресурси е многу бита за намалување на загадувањето на воздухот, прашање кое што е горлива тема во државата, а особено во Скопје. Важно е да се направи проценка која ќе покаже дека и природниот гас ќе има многу битна улога во наредниот период имајќи предвид дека Северна Македонија вложува многу средства за градење примарна и секундарна мрежа за гас и ќе транзитира гас. Во моментот има итна потреба да се создаде еко систем со кој ќе се обезбедат иницијативи и стимулации за производство и потрошувачка на вакви типови на енергија и да се овозможи до 2025 година 35 отсто од изворите да бидат од ОИЕ“, рече Гир.

Нагласи дека треба да се задржат и тарифите за хидропотенцијалите кои не влијаат негативно на животната средина. Потенцира дека ќе се обезбедат билатерални донатори од ЕУ за помош на државата и додаде дека има огромен потенцијал за да се искористи тоа и да се забрза процесот на енергетска транзиција.

Агим Селами, директорот на ЗИП Институтот посочи дека четвртиот енергетски форум ќе биде насочен кон енергетската иднина на регионот и ќе ја мапира енергетската иднина на земјите од Западен Балкан и додаде дека се покажа оти соработката ќе биде главен двигател во иднина.

„Ќе заборуваме за напуштање на јагленот како начин на греење. Знам дека тоа е прилично тешко зашто зависиме од јагленот, но климатските промени влијаат на нашиот секојдневен живот и затоа треба да зборуваме за достапни и чисти извори на енергија. Затоа сакаме да ја зголемиме свесноста на граѓаните за овие прашања“, рече Селами посочувајќи дека важен ресурс во енергетската транзиција е природниот гас.

Форумот традиционално се одржува четврта година по ред во организација на ЗИП Институтот, Владата и Амбасадата на САД во земјата.