За терапијата на Онкологија сега одлучуваат раководители на 12 оддели, вели Меџити

Медицинската сестра која во два наврати била фатена како краде лекови, не работи во клиниката од мај 2023 година


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за здравство денеска на прес-конференција изјави дека откако е тој на чело на Министерството, на Клиниката за онкологија е направена реформа со што одговорни од 12 оддели на клиниката одлучуваат за биолошката терапија која што се дава на пациентите, при што директорката на клиниката е иземена од постапката. Ваквиот начин на одлучување гарантира транспарентност и соодветност на терапијата, изјави Меџити.

Директорката на клиникатата,  д-р Виолета Клисаровска, која на функцијата е околу шест месеци, рече дека сите пациенти од ноември 2022 година примале соодветен лек. 

Со лековите оперираат неколку лица, а влез на другите медицински сестри и здравствен персонал не е дозволен откако Клисаровска е директорка. КАТО системот за контрола на терапиите, набавен во 2017 година, за повеќе од 350.000 евра, уште „фаќа“ прашина, а не се знае ни дали ќе профункционира, затоа што клиниката нема буџет за негово одржување. 

Како што појасни Меџити, тој токму затоа инсистира на ребаланс на буџетот, за да се обезбедат пари за софтверски систем, кој нема да биде лесно да се манипулира, но ниту тој, ниту директорката не знаат дали сосема би се избегнала можноста за манипулација со лекови, ако се користи тој систем, затоа што никогаш не профункционирал. Меџити најави дека може и да не го користат тој, туку да се набави друг. 

Министерот уверува дека терапијата на Клиниката за онкологија и радиологија во Скопје која во моментов се дава е соодветна и порача да не се шират невистини за побрзо да се реши случајот со наводната продажба на цитостатици во Косово која ја вршел медицински персонал од клиниката.

Сепак, Клисаровска кажа дека медицинската сестра која во два наврати била фатена како краде лекови, не работи во Клиниката од мај 2023 година, а била фатена во повторен обид за кражба во февруари. 

Директорката на Клиниката за онкологија д-р Виолета Клисаровска (Фото: Б. Грданоски)

„Не давам втора шанса никому, без разлика дали е украден скап лек или физиолошки раствор“, рече Клисаровска, а за тоа зошто медицинската сестра била вратена на работа после првата кражба, таа кажа дека за тоа треба да одговори претходното раководство. Сестрата била ангажирана во дневната болница и не била директно вклучена со растворањето лекови.

Исто така, прашана зошто докторот Нино Васев е на работа, кога е под истрага, Клисаровска рече дека до нив нема стигнати никаков допис од ниту една истражан или судска институција, со која би му се забранила работата, а тие се обврзани да го примат на работното место.

Клисаровска укажа и на објективен проблем со кој што се соочува оваа клиника.

„Од 2017 година наваму има зголемен број на пациенти, само оваа година има нови 5 илјади пациенти, а вкупните прегледи кои што се реализираат заедно со веќе постојните пациенти изнесува околу 90 илјади годишно. Ова се транспарентни статистички бројки. Ние кадровски, просторно и финансиски имаме проблем, како и со доволна количина на лекови“, рече д-р Клисаровска.

Таа додаде дека иновативната медицина и новите лекови на клиниката ги има триесетина и тие овозможуваат продолжување на животот на пациентите.

Сепак, како што додаде, на клиниката функционираат со истиот персонал како и во 2017 година кога имало двојно помалку пациенти, така што не треба да изненадува дека со огромен квантитет, се губи квалитетот.

Затоа, и денеска, пред вратите на Онкологија, пациенти од Охрид, Виница, Гостивар и други градови од земјава чекаа од осум часот наутро да ја добијат редовната терапија, а и во 13 часот, кога се одржуваше пресот, сѐ уште не им беше аплицирана терапијата.

Инаку, поводот за прес-конференцијата на министерот за здравство Фатмир Меџити беше во врска со случувањата на Клиниката за Онкологија и радиотерапија, односно отворената истражна постапка за наводи за злоупотреба со современата терапија, која е наменета за болните од малигни заболувања.

На прес – конференцијата покрај Меџити и Клисаровска присуствуваше и Халид Матоши, организациски директор на клиниката. 

„Оваа клиника треба да биде светилник на болните од рак“, рече Меџити додавајќи дека ќе направи сѐ да се расчисти случајот на Клиниката за онкологија и да се утврди одговорноста. 

Тој посочи дека никој од здравствениот систем не смее да се обиде да ги заштити престапниците. (Б.Б.)