Меџити во Серава на средба со граѓани за да им каже дека Чаир станува модерен

Првиот вицепремиер и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, се сретна со жителите на Серава, каде што беа презентирани тековните и идните проекти за развој на ова населено место и целата општина.
На средбата, Меџити истакна дека се реализираат конкретни инвестиции кои директно ја подобруваат секојдневницата на граѓаните. „Во Серава и низ цел Чаир се реконструираат и уредуваат улиците, се модернизира водоводната и канализациската мрежа, се обновуваат плоштадите и јавните простори, се поставува ново улично осветлување и се создаваат нови паркинг капацитети,“ порача тој.

Посебен акцент стави на вложувањата во образованието, со реконструкција и изградба на училишта и детски градинки. „Затоа што развојот на Чаир започнува со грижата за децата и семејствата,“ додаде Меџити.
Жителите на Серава имаа можност да ги изнесат своите предлози и забелешки, а разговорот помина во, како што оценија од ВЛЕН, „отворена и конструктивна атмосфера“.
„Чаир што го градиме заедно е Чаир на развојот, сигурноста и достоинството што секое семејство го заслужува. Овој пат води кон стандарди на модерен град,“ порача Меџити, нагласувајќи дека промената што ја започнаа се чувствува секојдневно во секоја населба.
