Мециновиќ: Собранието веќе не е дом на демократијата!
Ветувањата на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ дадена пред изборите за намалувања на државната управа се одвиваат во сосема спротивна насока. Освен зголемување на бројот на министерствата, оптимизирање на непотребните функции, тенденцијата на СДСМ и на ДУИ за зголемување на државниот апарат на штета на граѓаните продолжува и во мандатот на новата Влада. Тоа денеска пред медиумите го посочи пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ.
– Првите сто дена од Владата се окарактеризирани само со лаги и зголемување на привилегиите. За да се ухлебат кадрите на ЗНАМ, Собранието сега ќе измислува нови функции како заменик-директор на Царината. Крајно време е да прекине злупотребата и да се тргне кон вистинско оптимизирање на државната управа, а не да се зголемува државниот апарат со неспособни кадри, истакна Мециновиќ на прес-конференција во Собранието.
По однос практиката на донесување закони по скратени постапки, тој го посочи ставот на Левица дека владејачкото мнозинство целосно го има ставено Собранието под своја рака.
– Собранието не е веќе дом на демократијата. Владејачкото мнозинство смета дека се извира од нивната влада и од мнозинството. Не постои веќе закон да се носи во редовна постапка, рече Мециновиќ.
Тој најави дека до средината на наредниот месец партијата Левица ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши, оттаму што од партијата Левица сметаат дека постапките на првиот спикер повлекуваат, како што рече, и правна одговорност.