Мечка со две мечиња „бере“ по овоштарниците во Преспа, се жалат овоштари

БИТОЛА – Мечка со две мали мечиња во последниот период ги обраа овоштарниците во Преспанскиот регион, особено во селата Јанковец и Кривени во Горна Преспа.
Овоштари од Преспа се жалат дека во последните десеттина дена мечката направила штети на повеќе локации, а имале и блиски средби со неканетата гостинка.
Овоштар од Преспа вели дека затекнал искршени гранки на дрвјата со сливи и јаболка, гребаници по стеблото, измет и стапалки околу дрвјата иако земјата е прилично сува трагите се очигледни.
„Се слушна в село дека мечка со две мали мечиња прави штета по овоштарниците, така беше и кај мене, искршени гранки обрани овошки“, вели овоштар за „Зелена берза“.
За случајот овоштарите ги известиле Центарот за управување со кризи, локалната самоуправа, Министерство за земјоделие ПЕ Ресен како и СВР Битола.
За ситуацијата реагираа и од Националната земјоделска мрежа од каде велат дека според информации од нивни членови од регионот на општина Ресен, поконкретно во атарите на селата Јанковец и Кривени во последните десетина дена интензивно се предизвикува штета на насадите од јаболка како последица на дивеење на мечка.
„Според очевидци забележана е женка со две мечиња што претставува директна и непосредна опасност по животот и здравјето на месното население. Како граѓани и како земјоделци сме доведени во една многу непријатна ситуација да сме во постојан страв од непредвиден напад на мечката која водејќи се од мајчинскиот инстинкт може да нападне во секое време и на секое место“,вели Ѓорги Каракашев за „Независен“.
Од Подрачната единица на МЗШВ во Ресен за „Независен“ велат дека денеска добиле две пријави од сопстевници на овоштарници за предизвикана штета од мечка. На терен веднаш излегла комисија за проценка на фактичката состојба.
„Денеска нашата комисија излезе на лице место да ја утврди фактичката состојба по пријавата од земјоделци. Досега двајца овоштари поднесоа барања за утврдување на состојбата. Се постапува“, изјави Сашко Андреевски раководител на ПЕ на МЗШВ во Ресен.
Од почетокот на годината досега во реонот на Преспа се евидентирани 21 случај на штети врз земјоделски посеви од дивеч од трајна и нетрајна заштита.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години. (А.Б.)