Маж во Словенија од тераса пука кон полицијата, интервенираат специјалци


Полицијата нешто пред 9 часот утринава добила дојава за пукање,  во Драженци во близина на градот Птуј во Словенија. Маж од семејна куќа пука и во полицијата, која во меѓувреме ја опколила куќата. Напнатата ситуација трае со часови.

 Пристигнувајќи на местото на настанот пронашле маж со оружје и постојано барале од него да го спушти. Тој одбил да го стори тоа и почнал од балконот да пука кон полицајците.

Според словенечки 24ur, мажот испукал неколку истрели од балконот. Според досегашните информации, нема повредени.

На местото на настанот со хеликоптер пристигнале припадници на специјалната полициска единица и полициски преговарач, акцијата е во тек. Според првичните информации нема повредени, а полицијата апелира граѓаните да не се приближуваат на местото на настанот, пренесува словенечки 24ur.

„Човекот неколку пати излегол на балконот од кој испукал неколку истрели во 9 часот и 48 минути. Целта му биле и полицајците“, изјави портпаролката на полициската управа во Марибор, Анита Ковачич Челофига.

На прашањето дали се точни објавите на социјалните мрежи дека мажот во куќата држи заложници, Ковачич Челофига одговорила дека полицијата воспоставила контакт со едно лице и дека нема информации дека некој друг е со мажот во куќата.

Таа исто така не можела да ги коментира информациите дали полицијата се подготвува да упадне во куќата.

Мештаните за словенечката јавна телевизија изјавиле дека осомничениот имал многу оружје со себе.