Матичната комисија ги поддржа измените на Законот за правото на заедниците кои се помалку од 20 проценти


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците со девет гласа „за“ и ниту еден „против“ или воздржан, денеска констатираше дека предлогот на Законот за изменување и дополнување на законот за правото на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението во Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање пред пратениците.

Овој предлог на закон, комисијата го разгледа како матично тело, на денешната 41 седница, чиј предлагач е Владата преку Министерството за односи меѓу заедниците и министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ. Претседателот на комисијата, Љупчо Пренџов по гласањето рече дека ќе се даде на понатамошно читање во Собранието, а за известител на собраниската седница беше определена пратеничката, Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред присутните пратеници на комисијата, претставникот на предлагачот, заменик-министерот за односи меѓу заедниците Неждет Мустафа кажа дека предлог-законот пратениците го имаат во писмена форма во однос на именувањето на директорот, заменикот и други технички формулации, за кои кажа дека се соодветни на општите законски прописи.

За овој предлог немаше расправа, а претходно беше усвоен и записникот од 40-тата седница.