Математичарите не отпатуваа на натпревар во Кипар заради безбедносната ситуација


Математичкиот натпревар SEEMOUS 2026 што требаше да се одржи во Кипар, поради безбедносната состојба се одржуваше во земјите кои требаше да пратат учесници на ова престижно студентско математичко натпреварување. 
 
Сепак, денес се одржа натпреварувачкиот дел од SEEMOUS 2026, на кој учествуваа студентите Андреј Стојановски и Јан Стојановски од Природно-математичкиот факултет – Скопје кои ја претставуваа Македонија на овој престижен студентски натпревар по математика.
 
„Официјален организатор на натпреварот е Здружението на математичари на Кипар, а локални организатори се Сојузот на математичари на Македонија и Природно-математичкиот факултет-Скопје. Поради актуелната безбедносна ситуација и неможноста македонскиот тим да отпатува, натпреварувачкиот дел за нашите студенти се одржа во просториите на ПМФ – Скопје, во координација со организаторите на натпреварот“, информираа од Институтот за математика во Скопје.
 
Тимот е предводен од м-р Стево Ѓоргиев, асистент на Институтот за математика при ПМФ – Скопје.
„Во исчекување на резултатите, горди сме на нашите студенти и им посакуваме многу успех и уште многу идни академски достигнувања!“, додаваат од таму.