Мастерклас на Даг Јохан Хагеруд на Киненова: Никогаш немав голем буџет за филм


Годинешниот добитник на наградата „Златна грива“ за особен придонес во филмската уметност, Даг Јохан Хагеруд, денеска во рамките на програмата на 10. издание на МФФ Киненова одржа мастерклас на ФДУ каде со студентите и учесниците од фестивалот разговараше за начинот на снимање, на пишување сценарио, избор на ликови, финансирање на филмовите…

-Приказната не е важна за мене. Почнувам со многу едноставна приказна. Не сум толку заинтересиран за приказните, повеќе ме интересира како изгледа тоа на екран, интеракцијата на луѓето…На оние кои пишуваат сценарија би сакал да им порачам дека пишувањето приказна некогаш може да стане предвидливо, знаете што следно ќе се случи, рече Хагеруд и рече дека за еден филм имал напишано само неколку реченици.

Во поглед на финансирањето на филмовите рече дека никогаш немал голем буџет. Во Норвешка околку 60 проценти добивате од државата, а останатите треба сами да ги обезбедите.

Норвешкиот режисер, кој годинава ја доби Златната мечка на Берлиенале е исто така и библиотекар, писател, драматург, новинар, сценарист, истакнат хуманист. Неговата позната Осло трилогија „Секс“ (Sex), „Љубов“ (Love) и „Соништа“ (Dreams) е награден со највисоката награда на Нордискиот филмски совет и со наградата на Здружението на филмската критика на Норвешка. Филмот „Секс“ е селектиран во престижната програма Панорама на Берлинскиот филмски фестивал во 2024 година, истата година вториот филм од трилогијата „Љубов“ е прикажан во главната натпреварувачка програма на 81. Венециска филмска Мостра. Последниот „Соништа“ му ја донесе Златна мечка за најдобар филм на годинешното 75.Берлинале и наградата на Fipresci.

Еден дел од трилогијата рече дека ја напишал во воз. Некои приказни ги прераскажал, некои се од неговото искуство, а некои се нешта за кои читал…

-Сценаријата се измешани од сите овие искуства, и мојот принцип на работа е постојано да запишувам и затоа постојано носам со себе еден нотес. Порано мислев дека треба да имам канцеларија во која ќе пишувам но, долго седев таму и не правев ништо, така што сега пишувам не било кое место. Првиот дел од трилогијата го напишав во возот од Осло до Стокхолм. Вториот го напишав во библиотека, а третиот за време на летниот одмор. Кога ќе напишам нешто повеќе не корегирам, бидејќи мислам дека ако примам сугестии од страна се ќе се измеша. Актерите, на пример, се заинтересирани само за сопствениот лик, рече Хагеруд.

Со своите филмови подеднакво ја освои и публиката и критиката од Норвешка до Австралија. Неговите стории се како мирна река која брег рони. Спонтани и моќни. Тој скандинавското подредено и рационално секојдневие, ни „го доведува“ до реална атмосфера на бура од емоции. Тој беспрекорно го креира возуелниот момент на феноменот ефект на пеперутката.