Мастеркард ќе престане да издава картички со магнетна лента

Компанијата Мастеркард најави дека одлучила да престане со издавање картички со магнетни ленти, јави Би-Би-Си.
До 2033 година, ниту една од дебитните или кредитните картички на Мастеркард нема да има магнетна лента, а банките во многу региони, вклучувајќи ја и Европа, ќе можат да издаваат картички без лента веќе во 2024 година.
Уште во 2006 година, Обединетото Кралство се префрли на плаќање со картичка со помош на чип и ПИН, кој е широко користен низ остатокот од Европа, но магнетните ленти се уште се користат во САД, пренесува Јутарњи лист.
Мастеркард тврди дека чип картичките како и новите биометриски картички кои користат отпечатоци од прсти нудат поголема сигурност.
Магнетната лента беше развиена во 1960 -тите како дел од проектот на ИБМ за креирање лична карта за персоналот на ЦИА.
Пандемијата, велат од Мастеркард, го истакна апетитот за различни начини на плаќање, а бесконтактните плаќања што можат да се извршат преку картичка или телефон се зголемија за повеќе од една милијарда трансакции во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период минатата година.
Експериментирањето со биометриски системи за плаќање продолжува – од системи што овозможуваат плаќање со помош на препознавање лице до скенери за дланки.