Масовни оставки на раководители во М-НАВ заради обидот да се намести конкурсот за контролори

Директорите на М-НАВ се сомневаат дека Данците направиле лош избор на избраните кандидати - меѓу нив не биле нивните деца


 

Ако меѓу избраните нема „наши деца“ тогаш конкурсот треба да се поништи. Во тој правец оди разврската на на конкурсот за контролори за летање кој го распиша Македонска навигација (М-НАВ) за избор на осум контролори за летање.

Дванаесет заменици на директорите, началници, инструктори, експерти и  раководители на сектори  вчера поднеле оставки на своите позиции во М-НАВ незадоволни од одлуките на тројцата директори за одолговлекување на испраќањето на школување во Данска на нови контролори на летање кои веќе ги поминале сите тестирања, пишува МКД.МК. Тие велат дека ќе ги повлечат оставките само ако директорите веднаш не ја променат одлуката и  ги испратат осумтемина избрани на неопходната обука.

„Селекцијата е регуларно завршена и не постои реална причина или оправдување поради што процесот на обука сѐ уште не е почнат. Бараме управата на М-НАВ итно да донесе одлука за почнување на школувањето на селектираните кандидати за контролори на летање согласно рангирањето кое официјално ви е доставено како предлог од страна на комисијата за спроведување на селекцијата… Процесот се одвиваше транспарентно и професионално“, напишаа во писмото до директорите раководителите во оставка.

На него се пријавиле 270 кандидати, а данската компанија која треба да ја спроведе според насоките на Еуроконтрол на тестирање ги избрала најсупешните. Но меѓу нив ги немало кандидатите кои биле деца на директорите или на нивни пријатели од партиите.

По првата селекција останале 140, ама веројатно без посакуваните кандидати на директорите, кои веднаш реагирале и побарале листата да биде составена од 166, а не 140. Данската компанија „Гејт авијешн тренинг“, која според критериумите на Еуроконтрол, го врши селектирањето и обуката, прифатила да ја прошири листата. Останале 12, од кои 8 треба на 1 декември да одат на четиримесечна обука. Одложувањето кое го наметнуваат директорите Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски само ги подгреваат шпекулациите дека се незадоволни затоа што повторно на листата ги нема нивните и кандидатите испратени од партиските штабови.  

Директорот Хамиди упорно објаснува дека тие само сакаат целосен увид во начинот на кој била направена селекцијата, што во оваа фаза се толкува како обид или да се одложи или пак целосно да се поништи конкурсот.

Според „СДК“ меѓу оние што конкурирале, а не биле на испосокот што ги избрала данската компанија бил е синот на Селмани и двајцата синови на Крстевски. Претставниците на синдикатот во М-НАВ велат дека не се работело за осум избрани кандидати, туку за 12 и дека конкурирале 250 лица.

Од Владата велат дека според информациите што ги имаат, постапката за избор на кандидати за обука на контролори на летање е сѐ уште во тек, како и дека М-НАВ, давателот на услуги на воздухопловна навигација, која го спроведува конкурсот, е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, којашто е обврзана да ги следи строгите правила во воздушниот сообраќај.

Раководството на М-НАВ сега бара отчет од Данците за сите кандидати – зошто отпаднале и колку бодови освоиле. Синдикатот се сомнева дека раководството го пролонгира процесот за да пропадне огласот и после да ги вработат своите деца без тест.

Директорот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди за „СДК“ изјавил дека бара „црно на бело“ дека токму овие осуммина избрани го положиле тестот.

„Тој избор, таа листа, не е поткрепен со аргументи и податоци од економскиот оператор – кој паднал, зошто паднал, со колку бодови не успеал да продолжи понатаму… Можеби некој што освоил бодови, не е меѓу тие осум и може да тужи“, вели Хамиди.

Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање, претходно изјави дека како синдикат и како професионалци нема да отстапат од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ како што е по регулативата.

Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што сѐ уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 250 пријавени апликанти.

Тасевски вели дека веќе имале разговори со раководството на  М-НАВ од кое побарале да почне обуката на избраните кандидати и укажале на последиците доколку таа не биде спроведена.

„Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат“, рече Тасевски. 

Платата на контролорите за летање е 2.000 евра. М-НАВ е акционерско друштво, со свој, самостоен буџет. Иако Владата официјално не се меша во ова акционерско друштво, изборот на раководството во него секогаш било во врвот на распределбата на ресорите и директорите. (Н.В.)

М-НАВ ги отфрла тврдењата на синдикатот  и тврди дека процесот се одвива нормално, согласно акцискиот план,  како и дека се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и меѓународни стандарди.

-Тврдењата на Синдикатот на Контролори на летање се неточни. Селекцијата за контролори што се одвива според препораките на Eurocontrol, FEAST тестовите, лекарските прегледи, интервјуата што се филтри кои се спроведени од страна на данските експерти кои се избрани со постапка за јавна набавка од М-НАВ А.Д. Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така, не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акциониот план на М-НАВ, наведува М-НАВ во демант на тврдењата на синдикатот.

Од М-НАВ уверуваат дека, како што стои во информацијата, процесот се одвива нормално, согласно акцискиот план и се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и меѓународни стандарди за да може да  започне школувањето на кандидатите. (Н.В.)