Маск сакал „легија деца пред граѓанската војна“
Се појавија нови сознанија за минатото на Илон Маск и неговата визија за иднината. Најбогатиот човек во светот наводно ѝ напишал порака на Ешли Сент Клер – негова поранешна партнерка и мајка на неговото 13-то дете – во која наведува дека сака да има „легија деца пред граѓанската војна“, според новиот документарен филм за шефот на „Тесла“ и „Спејс-икс“ (SpaceX), дело на режисерот Алекс Гибни. Филмот, кој премиерно беше прикажан во вторникот на Филмскиот фестивал во Венеција, го истражува приватниот живот и политичките ставови на бизнисменот.
Ешли Сент Клер е поранешна конзервативна инфлуенсерка поврзана со кругови што го поддржуваат Доналд Трамп. Двојката доби син во 2024 година пред да се разделат. Илон Маск моментално е татко на најмалку 14 деца со неколку жени. Според „Гардијан“, Сент Клер исто така тврди дека тимот на милијардерот ѝ понудил еднократна исплата од 40 милиони долари и месечен надомест од 100.000 долари во замена за потпишување договор за доверливост. Таа вели дека ја одбила понудата, по што таа наводно била повлечена.
Кога за време на презентацијата на документарецот во Венеција беше прашана дали Илон Маск едноставно стравува од граѓанска војна или активно се обидува да поттикне таква, Ешли Сент Клер посочи на начинот на кој се користи „Икс“ (X) – социјалната мрежа што милијардерот ја купи во 2022 година.
„Она што тој го прави со таа платформа, ’Икс‘, не може да се игнорира, бидејќи тој разгорува пламен што не постои во реалниот свет“, изјави таа. „Тој создава нешто што има многу реални последици со сите тие информации на ’Икс‘“, продолжи таа, тврдејќи дека тој „намерно поттикнува поделби, со последици што би можеле да бидат катастрофални доколку не се преземе ништо за негово регулирање или ограничување“.
Поранешната конзервативна инфлуенсерка исто така изрази жалење поради нејзиниот минат политички ангажман.
„Тоа незнаење на никаков начин не ја оправдува улогата што можеби сум ја одиграла во сето ова“, призна таа, надевајќи се дека јавното говорење за ова ќе помогне „работите малку да се поправат“.
Документарниот филм „Маск“, во продукција на HBO, трае три часа и 45 минути и има за цел да го прикаже ликот на претприемачот чие влијание се протега далеку надвор од светот на бизнисот. Филмот особено се фокусира на неговиот подем, неговите вселенски амбиции и неговата сè поголема улога во политичките дебати.