Маск ја соопшти намерата да го смени логото на Твитер


Лос Анџелес, 23 јули 2023 (МИА) – Сопственикот на Твитер, милијардерот Илон Маск, изјави дека неговата социјална мрежа наскоро ќе го промени своето лого, пренесоа светските агенции.

Во нов твит на неговиот официјален профил, Маск порача дека Твитер постепено ќе се збогува со сите птици. Сегашното лого на мрежата е во форма на птица и е многу препознатливо.

Маск презентираше и нацрт на новото лого, буквата X на црна заднина, но не даде дополнителни детали за ова прашање.

Последната неволја за Твитер датира од минатиот вторник, кога беше поднесена тужба против компанијата која соопшти дека им должи најмалку 500 милиони долари на поранешни вработени за отпремнина.

Откако Маск го купи Твитер, тој избрка од работа повеќе од половина од персоналот, за да ги намали трошоците.