Маск ги праша следбениците на Твитер дали да продаде 10 отсто од уделот во Тесла, акциите паднаа за 8 отсто
Американскиот иноватор Илон Маск ги анкетираше своите 62,5 милиони следбеници на Твитер со прашањето дали треба да продаде 10 отсто од своите акции во компанијата Тесла, чиј основач и директор е тој.
„Во последно време многу се зборува за нереализирани профити, кои се средство за даночно затајување, па затоа предлагам да продадам 10 отсто од моите акции на Тесла“, напиша Маск во твитот, пренесува Ројтерс.
Тој изјави и дека ќе се придржува до резултатите од анкетата, какви и да се тие.
Коментарите на Маск доаѓаат по предлогот на американскиот Конгрес да се оданочи имотот на милијардерите со цел да се помогне во плаќањето на социјалната и климатската програма на претседателот Џо Бајден.
Маск, еден од најбогатите луѓе во светот, претходно на Твитер го критикуваше предложениот данок за милијардерите.
„Имајте на ум дека никаде не земам плата во готово или бонуси. Имам само акции, па единствениот начин лично да платам даноци, е да ги продадам тие акции“, напиша Маск на Твитер.
Маск неодамна реагираше и на коментарите на Дејвид Бизли, директорот на Светската програма за храна на ОН, кој го повтори апелот до најбогатите луѓе во светот да искористат дел од своето богатство со цел да им помогнат на најсиромашните во светот.
Бисли конкретно го спомна Маск заедно со Џеф Безос, основачот на „Амазон“ и рече дека само два отсто од неговото проценето богатство, кое е шест милијарди долари, може да спречи 42 милиони луѓе да умрат од глад.
„Доколку Светската програма за храна може да ми објасни како точно шест милијарди долари ќе го решат проблемот со гладот во светот, веднаш ќе ги продадам своите акции во Тесла“, напиша Маск на Твитер.
Акциите на Тесла, кои котираат на берзата во Франкфурт, утринава паднаа за 8,0 отсто во раното тргување, по анкетата.
Акциите во Франкфурт паднаа за 7,9 отсто на 980 евра на тргувањето во 7:31 часот по средноевропско време. На Њујоршката берза акциите на оваа компанија забележаа раст од 73,2 отсто во 2021 година, во однос на индексот Nasdaq Composite, кој годинава бележи раст на вредноста за 23,9 отсто.
Американската ТВ станица CNBC пренесува дека Маск во следните неколку месеци се соочува со данок од над 15 милијарди долари, што веројатно е вистинската причина поради која продава акции.
„Без оглед на резултатите од истражувањето, Маск најверојатно ќе почне да продава милиони од своите акции овој квартал. Причината е претстојната даночна сметка од повеќе од 15 милијарди долари“, наведуваат медиумите.