Маршот за ангелите со порака до јавноста: „Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“
На протестот освен жители на Кочани, дојдоа и од другите градови
Молчејќи, со фотографиите од загинатите чеда во рацете, родителите, семејството, пријателите и јавноста излезе на осмиот по ред марш преку кој се упатува порака дека се чека правда. Зад родителите, транспаренти сопорака до јавноста: „Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“.
На протестот освен жители на Кочани, дојдоа и од другите градови.
Ова е осми по ред марш кој го организираат. Тие не ја кријат болката, а очекуваат јавноста да ја почувствува и да застане рамо до рамо со нив, за да ваква трагедија не се повтори.
Си свирежи од свирчиња и понекој извик: Уа! семејствата на жртвите ги потсетија надлежните дека во март живи изгореа 62 деца.
Потсетија дека во простор за 300 души, внатре имало 600 души.
– А полицијата ја затвори вратата, ги држеа внатре. Децата бегаа кон врата и мислеа дека ќе излезат – рече една од учесничките.
Вината ја фрли врз полицијата, надлежните и газдата „монструм“, како што го нарече.
Ги повика сите да се стават во нивната кожа, да го замислат нивното дете, таму, зад таа врата, барајќи помош.
На државата ѝ порачаа дека нема да молчат, да не ги штитат виновниците, туку да бидат луѓе, заради нивната вечна болка.
На јавниот обвинител му порачаа дека од повеќе од 70 осомничени, вчера останале 46.
– Вистинските виновници треба да одговараат, без разлика за кој се работи – порача една мајка.
Потсетија дека дискотеката нелегално работела од 2012 година. Прашаа дали МВР, УЈП и другите надлежни направиле инспекција и имаат записник дека таа работела на „диво“.
До општината прашаа, дали дале дозвола за работа, дали постапувале по пријава за бучава. Прашаа како може објектот да работи со фалсификувана лиценца.