Марин Мрчела: Механизмите за спречување на корупцијата во централната власт треба ефикасно да работат во пракса
Механизмите за спречување на корупцијата во централната власт треба ефикасно да работат во пракса и да се избегнува прекумерна политизација на спроведување на законот. Ова се нашите главни пораки во извештајот што Групата на држави против корупцијата на Советот на Европа (ГРЕКО) го објави и се однесува на Северна Македонија, изјави за МИА претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела.
Во својот извештај за спречување на корупција на лица кои се на високи функции во извршната власт и во службите за откривање и репресија во Северна Македонија, ГРЕКО ја повикува Владата да ја направи својата работа потранспарентна и да ги деполитизира полициските сили на земјата, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Извештајот од петтиот круг на оценка за Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот, беше усвоен од страна на ГРЕКО на 82-рата Пленарна седница (во Стразбур, 18-22 март 2019), а објавен денеска од страна на Советот на Европа.
ГРЕКО особено е загрижена од недостатокот на транспарентност на владините активности и се залага за поголема регулација и транспарентност во однос на лицата кои имаат високи извршни функции, вклучувајќи советници и надворешни соработници ангажирани по дискреционо право на централната Владата.
Антикорупциската група на Советот на Европа ја повикува Владата да и дозволи на јавноста пристап до информации за имињата и функциите на учесниците на своите состаноци и да обезбеди транспарентност на контактите на државните претставници со лобистите и трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување на јавните одлуки. Исто така, сугерира дополнување на правилата за откривање на ситуации на конфликт на интереси со практични упатства и обука.
Што се однесува до полициските сили, ГРЕКО смета дека е важно да се деполитизира полицијата во Северна Македонија. Особено, се залага за јасна дистинкција меѓу политичката власт и Министерството за внатрешни работи и полицијата со цел да се обезбеди доволна оперативна независност.
Според ГРЕКО потребни се и мерки во рамките на полицијата за да се осигури дека секој полициски службеник е во согласност со правилата за интегритет, непристрасност и политичка неутралност. Овие мерки се неопходни за да се обезбеди објективна, ефективна и конкурентна процедура за вработување во полициските служби, особено за да се пополнат позициите на одговорност, врз основа на објективни критериуми и професионалност. Проверките за интегритет треба да се вршат пред регрутирање и во редовни интервали. Извештајот, исто така, препорачува усвојување на нов кодекс на полициска етика со подигнување на свеста, обука и советување.
ГРЕКО смета дека пристапот до информации од јавен карактер општо земено е низок во Северна Македонија и покрај законските одредби и важечките уставни принципи и дека законот за заштита на информаторите, дополнет во 2018 година, мора да биде придружен со мерки конкретно насочени кон практичните детали за нејзиното спроведување.