Маричиќ: Грчките власти не можат да ги лоцираат Грујевски и Бошковски


Министерството за правда во повеќе наврати ургирало до грчките власти да добие одговор за екстрадицијата на поранешните вработени во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски, но оттаму добивале одговор дека не можат сè уште да ги лоцираат, рече министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

– Во повеќе наврати беше ургирано да се добие одговор, но одговорите од страна на грчките власти велеа дека лицата не можат да бидат сè уште лоцирани. Во моментов сè уште немаме добиено одлука, но Министерството за правда ги прави сите напори лицата кои се бараат со меѓународна потерница, а тоа се и овие две лица, да бидат изведени пред правосудните органи. Кога ќе добиеме соодветен одговор од грчките власти ќе бидете навремено известени, рече Маричиќ.

Тој додаде дека откако првично била добиена одлуката на Врховниот суд на Грција за одбивање на екстрадицијата на Грујевски и Бошковски, Министерството за правда веднаш започнало нова постапка за екстрадиција.

– По комплетирање на документацијата, на 14 декември 2018 година поднесено е ново барање за екстрадиција до Република Грција. Во барањето се осврнавме на сите детали, на секој параграф од претходно донесената од Врховниот суд на Грција. Детално образложивме зошто одлуката на претседателот е ништовна, потоа дека е неприменлива, а се осврнавме и на фактот дека за еден предмет на СЈО воопшто Врховниот суд на Грција се немаше произнесено, рече министерот за правда.

Грчкиот Врховен суд во мај 2018 година го одби барањето на македонските власти за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Грујевски и Бошковски беа обвинети од поранешното СЈО за предметот „Тврдина -Таргет“, а беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври 2017 година при обид со лажни бугарски пасоши на име Христо Атанасов и Неџми Хасан да заминат со авион за Будимпешта. Нивната намера беше да ја избегнат мерката притвор што им беше одредена кога СЈО поднесе обвиненија поради незаконско прислушување илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за физичко уништување на дел од таа опрема.