Мапирани 25 отсто од морското дно, целосно до 2030 година


Како дел од иницијативата Seabed 2030 (Морско дно 2030), досега е мапирано речиси 25% од морското дно на Земјата.

Поточно, проектот за мапирање во моментов е на 23,4%, но целта на иницијативата е работата на мапирањето на морското дно да се заврши до 2030 година, односно за помалку од 8 години.

Проектот е дел од поголемата иницијатива The Ocean Decade (Деценијата на океаните) предводена од ОН, и главно се потпира на доброволни прилози во форма на податоци за топографијата на океаните.

<

Рокот за мапирање на целото морско дно на планетава до 2030 година е остварлив благодарение на напредокот во технологијата и веќе достапните податоци. Само минатата година, 9,841 милиони квадратни километри од морското дно беа мапирани првенствено преку отворање архиви, наспроти активните напори за мапирање.

Научниците се надеваат дека собирањето батиметриски податоци ќе помогне во подобро разбирање на климатските промени и во напорите за зачувување на океаните. Мапирањето на дното на океанот помага и во откривањето на цунами и други природни катастрофи.

Многу од користените податоци веќе постоеја. Проектот се потпира на придонеси од влади и компании, но некои од нив сè уште не сакаат да ги отворат своите архиви поради страв од откривање на национални или деловни тајни.

Сите податоци ќе ѝ бидат достапни на јавноста преку интернет и глобалната мрежа GEBCO. Пред проектот Seabed 2030, многу малку податоци за директно мапирање беа јавно достапни. Повеќето мерења на батиметрија се проценуваат со помош на сателитски отчитувања на височина, а овие отчитувања даваат многу груба идеја за морското дно. Некои научници веруваат дека напорите за пронаоѓање на исчезнатиот авион на Malaysia Airlines би биле поуспешни благодарение на поновите и попрецизни методи за мапирање на океанското дно.