МАПАС го одбележа Денот за пензиска свесност

Во СГГУС „Здравко Цветковски“ во Скопје денеска се одржа централниот настан по повод одбележувањето на Денот за пензиска свесност – 15 септември, организиран од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
-Настанот беше посветен на младите и на нивната едукација за функционирањето на пензискиот систем, со цел уште од најрана возраст да се создаде култура на информираност и одговорност кон иднината, велат од МАПАС.
Пред присутните ученици и професори се обрати државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, кој порача дека пензиската свесност не е нешто далечно, туку суштински дел од сегашноста.
-Да се зборува за пензиска свесност во училишна средина значи да се зборува за иднината, за одговорноста што се гради уште во најмладите години. Пензијата не е само број на хартија, ниту крај на работниот век – таа е одраз на целиот животен труд и на довербата што ја вложуваме во општеството. Денешните ученици се идни професионалци, идни носители на економијата и институциите, но и идни корисници на системот што заедно го градиме. Сигурната иднина не се подарува – таа се гради,“ истакнал Сабриу.
Порака упатил и претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, кој нагласил дека темата за пензиите е подеднакво важна за сите генерации.
-Пензијата не е тема само за постарите генерации. Таа е прашање за сите нас, бидејќи колку порано почнеме да размислуваме за иднината, толку повеќе можности имаме да изградиме стабилен и безбеден живот. Пензискиот систем постои за да обезбеди достоинствено живеење по завршувањето на работниот век, но за тој систем да остане силен и одржлив важно е и вие, како идни генерации кои ќе работите и ќе создавате, да разберете како функционира. Така ќе знаете дека вашиот труд и вашите вложувања ќе ви се вратат и еден ден ќе ви донесат сигурност и мир. Вашата пензиска свесност е темел на една стабилна и праведна иднина, истакнал Бајрами.
Петар Талевски, член на Управен одбор на Сава пензиско друштво, говорејќи во името на сите пензиски друштва, нагласил дека нивната мисија е обезбедат сигурни и професионални управувани инвестиции, но и да едуцираат и поттикнат што повеќе граѓани да размислуваат за својата иднина.
-Денес, повеќе од кога било, е важно да разбереме дека стабилен пензиски систем не се гради само со задолжителни придидонеси, туку со свесност, одговорност и проактивност, потенцирал Талевски.
Централниот настан бил збогатен со интерактивна едукација за учениците, со практични примери за тоа како функционира пензискиот систем, а за највнимателните следбеници беше организиран и квиз со награди. Активностите предизвикаа голем интерес кај младите, кои со прашања и коментари ја потврдија својата желба да учат и да се информираат.
Одбележувањето на Денот за пензиска свесност започнало уште минатата недела со предавања во повеќе средни училишта низ земјата – „Цветан Димов“ и „Михајло Пупин“ во Скопје, „Моша Пијаде“ во Тетово и „Коста Сусинов“ во Радовиш. На овие едукативни часови присуствувале околу 300 ученици, кои имале можност на интерактивен начин да научат која е улогата на МАПАС и како да ја разберат сопствената улога во пензискиот систем.
Покрај училишните активности, на 14 септември во Градскиот парк во Скопје бил организиран голем инфонастан за граѓаните, на кој присутните можеа директно да разговараат со претставници на МАПАС и на пензиските друштва, да добијат информации за своите права и можности во пензискиот систем и да постават прашања за темите кои ги интересираат.