„Манаки – приказна во слики“ за затворање на фестивалот


Француската кинематограферка Хелен Лувар е добитникот на „Златната камера 300“ за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ на 40. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Одлуката ја донесе меѓународно стручно жири во кое членуваа Ед Лакман од САД, Калојан Божилов од Бугарија, Доминик Велински од Франција, Ненад Дукиќ од Србија и Фејми Даут од Северна Македонија.
– Поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и не приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни – сметаат членовите на жирито.
Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“ поради „квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени. Моќна стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната“, образложи жирито
Кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри, е добитник на „Бронзена камера 300“ поради „устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото заедно со непопреченото движење на камерата“. Ципри се обрати преку видеопорака, а наградата во негово име ја прими италијанскиот филмски критичар Масимо Леки.


Ниту еден од добитниците на трите награди во конкуренција од 12 филмa не присуствуваше за доделувањето на церемонијата за свеченото затворање на фестивалот во саботата. Колегите и пријателите на добитничката на „Златната камера 300“, Хелен Лувар, не можеа да ја добијат за да и ја соопштат веста. Наградата ја прими нејзин добар пријател, Ерик Готје, инаку лански лауреат на „Браќа Манаки“
– Се разбира јас не сум Хелен Луварт, се пошегува Готје. Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но ѝ беше исклучен сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста. Знам дека би била многу среќна. Не знае дека сум тука и дека ја примам наградата во нејзино име – рече Готје.
На Јоланта Дилевска, кинематограферка на филмот „Ајка“, ѝ е доделено посебно признание поради интуитивната употреба на камерата – пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик. Посебни признание доби Гијом Ле Гронтек за филмот „Комбето“ поради употребата на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на боите на експресивен начин. „Мала камера 300“ доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовиштен господ“, поради поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната.


– Оваа награда многу ми значи, го сакам овој фестивал и во овој момент не би можела да бидам посреќна, ви благодарам – рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на ИФФК „Браќа Манаки“.
На церемонијата на свеченото затворање на ова јубилејно издание, „Златна камера 300“ за животно дело му беше доделена и на кинематограферот Јоргос Арванитис, кој низ шестдецениската кариера обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина европски играни филмови. Работел со Тео Анѓелопулос, Жан Жак Адриен, со Динос Кацуридис, Пантелис Вулгарис, Волкер Шлендорф, Микаел Какојанис, со Жан Пјер и Лик Дарден, Марко Белокио, Агњешка Холанд, Бруно Подалидес, Горан Паскаљевиќ, Марко Ферери…
– Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал која ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде бидејќи моите корени се токму од овде бидејќи јас сум Влав – рече Арванитис кој се заблагодари уште еднаш на поканата и на укажаната чест.
Наградата на Арванитис му ја врачи директорката на фестивалот Гена Теодосиевска и се заблагодари на сите кои учествуваа на ова јубилејно издание.
– Јас се обидов колку што можам да бидам битолчанка, не е лесно, но еве ќе се обидеме и понатаму да го чуваме духот на Битола, на урбана Битола која го сака филмот и го сака овој фестивал. Секоја приказна има свој крај, но ние нема да дозволиме ова да биде крај, туку еден нов почеток во пресрет на 41. Издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и се надевам дека оваа сала повторно ќе биде полна со оние кои навистина го сакаат, го обожаваат и го вреднуваат филмот – рече Теодосиевска.
За време на осумте фестивалски денови на 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на пет локации низ Битола, беа прикажани 128 филмски наслови создавани низ целава планета од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми.
– Видовме како 40 години умееме да танцуваме со светлината, да ги допираме ѕвездите, да им говориме на облаците и да уживаме во она што како зрак ќе го фати објективот. Така поминаа и овие фестивалски денови, во овој дух во кој покажавме дека никогаш не можете да говорите за одумирање ако ја имате предвид моќта на здивот на животот – рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Фестивалската завеса се спушти со специјална проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“ чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкуловски, кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.
– Ова е за нас кинематограферите свето место. Овој филм е резултат на моето истражување на филмското творештво на браќата Манаки, го работевме 6 години, притоа водејќи се од максимата на Манаки „една слика за мене, една за историјата“. Сите ние кои создаваме некакви дела сме одговорни пред историјата и треба да го правиме тоа најдобро што можеме за да ја оправдаме оваа максима – рече Јанкулоски.
Големата сала во Центарот за култура во Битола, не беше исполнета до последно место како за церемонијата на свеченото отворање, но сепак, голем број гости, филмски работници, вљубеници на филмот, уметници, политичари, амбасадори… дојдоа во чест на креациите на најдобрите кинаматографери кои се закитија со награди на ова јубилејно издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Емилија Мисирлиевски