Малолетник во притвор – крадел од влезови, подруми и дворови
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за поведување подготвителна постапка со предлог за определување мерка притвор за малолетник во судир со законот за кого постои основано сомнение дека е извршител на шест различни кривично-правни дела кои во Кривичниот законик се предвидени и санкционирани како кражби и тешки кражби.
Во краток временски период, за неколку дена во декември 2024 година, 16-годишникот влегувал во влезови од згради, подрумски простории и дворови на куќи, провалувал во затворени простории и одземал велосипед, електрични тротинети, алати, алкохолни пијалоци и други предмети во вкупна вредност од над 160.000 денари.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз оштетените и опасност да го повторува делото, јавниот обвинител од судот побара да определи притворска мерка за малолетникот.