Џон Малкович уште повеќе ќе го афирмира „Охридско лето“, вели Костадиновска-Стојчевска

Барањата на американскиот актер, продуцент и режисер во Охрид се доста скромни, она што е познато е дека побарал да го види манастирот „Свети Наум“, што ќе му биде исполнето веќе денеска


Уникатно и совршено сценско доживување. Така на денешната прес-конференција во Охрид беше најавена утрешната претстава „Пеколна комедија“: Исповеди на сериски убиец“ која на Охридско лето и првпат во Македонија како актер го носи светски познатиот холивудски глумец, режисер и продуцент Џон Малкович.

Поврзувајќи ги класичната музика и глумата во еден голем сценско-музички проект, славниот актер утре ќе настапи во придружба на Оркестарот на Виенската академија и сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн, во рамките на Американската вечер.

 

Како што појасни селекторката на драмската програма на „Охридско лето“, Сања Арсовска, станува збор за претстава на авторот и режисер, Михаил Штурмингер, која својата драматушка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивставености – комедијата и психолошката драма.

– Од една страна серискиот убиец со лесна духовитист и луцидност ги нижи настаните од својот живот, а публиката ја лови во мрежа од ироничен хумор, и додека публиката мисли дека е заловена во комична атмосфера, на сцената почнува вистински пекол, придружен со оркестар и силни сопрани. Тука серискиот убиец Џек Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе…рече Арсовска.

Актерот Џон Малкович, кој својата уметничка кариера токму и ја започна во театарот, појасни дека оваа претставата првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но оти истата е видоизменета, пред се поради органиченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.

 

– Делото минатата година го освеживме, лично за мене се работи за претстава што многу сакам да ја играм, особено поради тоа што ги обединува класичната музика и актерската игра. Иновативниот пристап е она што ги привлекува луѓето, рече тој.

За насилството како тема третирана во самата претстава, актерот смета дека постојано е актуелна затоа што, како што рече, насилството е секогаш меѓу луѓето, за жал така и ќе биде…

– Во својата основа ова дело поврзува две дијаметрално спротивставени погледи. Едниот е општествениот став заснован главно врз идејата за покајување, а од другата страна идејата за заштита на луѓето, особено на оној дел од популацијата што е ранлив на каква било форма на насилство. Двете тие идеи презентирани во претставата се во постојан конфликт, рече актерот.

За претставата рече дека е своевидно предупредување, дека одредени одлуки можат да донесат непредвидливи последици.

– Одлуката за помилување може да биде политичка грешка. Од друга страна, сметам дека на секој човек треба да му се даде шанса за покајување. А помилувањето и покајувањето како концепти се постојано спротивставени. Во овој случај лошо проценетите одлуки резултираат со насилство…вели тој.  

 

Министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска истакна дека честа е огромна што Малкович ќе се впише на листата најгламурузни уметници во фестивалската историја на „Охридско лето“, како еден од петте најелитни европски фестивали.

– Ми причинува задоволство што по гостувањата на светски познатиот композитор Енио Мориконе, неповторливиот Хозе Карерас, славната Џеси Норман, маестро Зубун Мехта, белгискиот челист Миша Мајски, славниот диригент и композитор Кшиштов Пендерецки, Елена Мошуц, Иво Погорелиќ, Стефан Миленковиќ и ред други славни имиња, и американскиот актер Џон Малкович ќе влезе во низата најексклузивни уметници кои настапиле на грандиозната сцена на Античкиот театар. Тој со својата драмска уметничка вредност прикажана во театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно-сценска манифестација. Преку своето богато искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на „Охридско лето“ и на нашата држава, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Малкович пред медиумите за Охрид и Македонија нагласи дека се прекрасни од она што можел да го види досега. Наведе дека повеќепати бил во регионот и во државите на поранешната југословенска заедница, но оти ова му е првпат во Охрид. Неговите барања се доста скромни, она што е познато е дека побарал да го види манастирот „Свети Наум“, што ќе му биде исполнето веќе денеска.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, денес, истакна дека за претставата е резервирана големата сцена на Античкиот театар, таа ќе се изведува пред над две илјади гледачи, а потврда за огромниот интерес кај публиката е тоа што бројни резервации за неа има од регионот, но и од Холандија, Франција, Бразил, САД…

Уникатното сценско доживување  „Вечер на Џон Малкович“ се реализира со поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура.