„Мала книга на стапици“ – промоција на новото издание од Горан Стефановски на ФДУ


Вечерва, во 19, 30 часот , на Академската сцена на Факултетот за Драмски Уметности – Скопје ќе биде промовирано новото издание на „Мала книга на стапици“ од великанот Горан Стефановски – значајно име со кое сите се гордееме, во издание на ТРИ. Промотори се Сашко Насев и Весна Петрушевска. 
 

„Горан Стефановски уште одамна ни даде инструмент и ни покажа како да свириме. Ни даде алат и ни кажа како да го користиме. Ни напиша рецепт за приготвување добри драми. Повелете влезете во дијалог со мајсторот на мислата, кој може да нè научи како да поставуваме стапици (а ние никогаш да не се фаќаме во нив), вели издавачот.

„Оваа книга е малечок алат, инструмент кој можете да го користите на ваш начин. Алатот, се разбира, не работи сам по себе. Тој мора да се користи за да биде корисен, и мора да се научи како да се користи. Овој ’драматуршки‘ инструмент нема да напише драми за вас, но може да ви помогне вие да напишете драми. Алатот е едноставен, но тој се користи за создавање сложена магија“ – Горан Стефановски.

Горан Стефановски е еден од најистакнатите писатели на современата македонска книжевност. Со култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и многу други, закитен со големи награди како што се „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, обожаван од македонската и светската публика – тој е многу повеќе од драматург и учител. Тој е човек за кој сме благодарни што сме го имале меѓу себе, како најнаш, когошто ќе го носиме во срцата, во театрите, низ страниците на новонапишаните книги. 

„Онака како што пиесите не се пишуваат туку се прават, така и големите луѓе не се создаваат, тие се раѓаат. Таков е и Горан Стефановски – автор кој засекогаш го промени текот на македонската книжевност. А благодарение на ваквите помагала што ни ги остави во наследство, тој продолжува да ги обучува идните писатели, носители на иднината на домашната литература“, велат од „Три“.