Макрон: Заслужувате преговори без одложување (Видео)
Премиерот Зоран Заев е во Париз на работна вечера со претседателот на Франција Емануел Макрон. Пред вечерата тој и францускиот лидер дадоа изјави, при што Макрон порача дека нашата земја заслужува да ги почне преговорите со ЕУ без одложување. Притоа тој му се обрати директно на премиерот Заев оценувајќи дека со потпишувањето на Преспанскиот договор покажал голема политичка храброст и дека договорот станал модел за инспирација за решавање на другите спорови на Балканот и може да се квалификува како историски. Генерално тој оцени дека постигнувањата на Македонија во изминатиот период се извонредни.
„Време е да се конкретизира ова одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите“, додаде Макрон.
Како теми околу кои ќе разговара со македонскиот премиер тој ги најави билатералните односи, нашата евроинтеграција, состојбата со владеењето на правото и ситуацијата во регионот.
Премиерот Заев изрази задоволство што е во Елисејската палата во време кога се одбележува 28-годишнината од билатералните односи со Франција при што оцени дека е важно што Франција го поддржува процесот на евроинтеграција на нашата земја. Тој нагласи дека предлогот на португалското претседателство е добра основа за надминување на спорот со Бугарија и дека особено важно е што прашањата за јазикот и за идентитетот не можат да бидат на преговарачката маса.
„Посебно место во развојот на македонско-француското пријателство има и претседателот Макрон, со неговата јавна поддршка за Договорот од Преспа. Пред нас е самитот на ЕС во јуни и тој е вистинска можност за чекор напред и решение за отргнување на блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решение“, истакна Заев.
На својот Фејсбук профил по средбата Заев напиша дека вечерва има историски важна работна посета во Париз, на покана на претседателот Макрон.