Макрон ќе го добие највисокиот орден на Црна Гора


 

На францускиот претседател Емануел Макрон утре во Цетиње ќе му биде врачено највисокото државно одликување – Орден на Црна Гора од неговиот црногорски колега Јаков Милатовиќ.

Кабинетот на Милатовиќ објави дека орденот е „израз на највисокото државно почитување кон Макрон за неговиот личен придонес во зајакнувањето на односите меѓу двете земји, поддршката за европската перспектива на Црна Гора и посветеноста на вредностите на слободата, демократијата и европското единство“.

Макрон ќе биде првиот претседател на Франција кој ќе ја посети Црна Гора во официјална посета, што, како што се истакнува во соопштението за медиумите, има „посебно историско и политичко значење“.

Најавено е садење „дрво на пријателството“ во дворот на Резиденцијата на претседателот на Црна Гора.

„Посетата на Макрон е потврда за пријателството меѓу Црна Гора и Франција, како и поддршка за европскиот пат и улогата на Црна Гора како најнапредна земја-кандидат за членство во Европската унија“, се заклучува во соопштението.