Макрадули во Солун со Фамелос за зачувување на прекуграничните водени површин


Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кој учествува на министерска конференција во Солун, вчера се сретна со алтернативниот министер за животна средина и енергија на Грција, Сократис Фамелос.

На средбата е разговарано за имплементацијата на Акцискиот план за интензивирање и продлабочување на соработката меѓу двете држави како што е предвидено со Спогодбата од Преспа, а била разгледана и можноста за склучување на меморандум со кој ќе се унапреди соработката во повеќе аспекти од областа на животната средина.

– Акцент беше ставен на темите во делот на унапредувањето на одржливиот развој, управувањето со природните ресурси, заштитата на културното и природното наследство кои би поттикнале контакти и размена на технолошко знаење, искуство и успешни практики меѓу индустриите и надлежните органи, искористување на можностите кои ги нуди преминот кон ниско-јаглеродна циркуларна економија, преземање на мерки со цел обезбедување на заштита на животната средина и зачувување на природните живеалишта во прекуграничните водени површини и нивната околина, како и дефинирање на формите на соработка при изнаоѓање на начини за намалување на ризиците и отстранување на сите форми на загадување, информира денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерската конференција на која учествува Макрадули е на тема „Пазарни можности за циркуларна економија“.