Макрадули: Фактите кажуваат повеќе од дрн-дрн пропагандата на владата
Екс министерот Јани Макрадули даде оценка за работењето на почетокот на оваа трета календарска година за неа, оценувајќи дека наместо исполнети ветувања, единствено што гледаме како граѓани – е масовна пропаганда и континуирано барање алиби.
„Тешко време за нас демократите во срж. Не ни оди во прилог целиот овој амбиент, екосистем кој пука по шавови, меѓународните политички односи наместо да помагаат, повеќе загрижуваат. Молкот царува. Но, борбата за демократија не заслужува предавање, борбата за демократија нема цена, па макар таа била и од минорен поединец. Секој може со аргументи да придонесе, зошто фактите денес мора да се поважни од дрн-дрн пропагандниот ПР.
Владата ја започнува 3 (третата) календарска година.И како што изминува времето, така наместо исполнети ветувања, единствено што гледаме е масовна пропаганда и континуирано барање алиби. Освен аматеризам, не видовме ништо друго. Да биде иронијата поголема, оваа влада единствено може да се пофали со укинување на безвизниот режим со Дубаи. Таквата политика, пардон, неполитика, како и во минатото со истата власт, донесе до конфликтност и најниско ниво на политичка комуникација. Никој (и тука мислам на сите) веќе не се воздржува од погрдни зборови кога етикетира, а од некои човек и да се засрами, чии сѐ ставови застапуваат.
А, реално, за оваа влада нема потреба од навреди кога има милион факти и аргументи за критика кои зборуваат сами за себе:
– раст на животни трошоци за 4.1 %;
– раст на цените на мало за 3,6%;
– неисполнети ветувања за ЕУ-роаминг зона (додека Украина и Молдавија се веќе дел од истата);
– на патот кон ЕУ владата си измислува барања, кој никој не ги бара;
– историско промашување на планирањето на буџетските приходи од дури 10%;
Не ветија, ама остварија:
– осветување на полициски возила;
– кило папаја за секој министер;
– поскапена цена на струја;
– поскапена цена на парно;
– двојно намалени странски директни инвестиции;
– најниска минимална плата во регионот;
– “некултурно” газење на работнички права и колективни договори;
– повратот на ДДВ стана мисловна именка;
– злоупотреба на ИПАРД средствата, со што го загрозија финансирањето на македонско земјоделство.
Затоа, нема потреба од навреди таму каде што фактите се јасни. Нема потреба од етикети таму каде што бројките зборуваат. И нема потреба од празна реторика таму каде што граѓаните ја плаќаат цената. Демократијата нема алтернатива.За граѓаните, за државата, за иднината, таа мора да се брани со аргументи и одговорност. Ако сакаме држава со иднина што носи сигурност, демократијата е единствениот одговор“, напиша Макрадули.