„Макпетрол“ ѝ го продаде на државата делот во ГА-МА за 32,7 милиони евра

Компанијата „Макпетрол“ ѝ го продаде на државата делот кој го поседуваше во претпријатието ГА-МА за 32,7 милиони евра.
Во известувањето на „Макпетрол“ до Македонската берза се вели дека предмет на продажба е акцијата која Макпетрол АД Скопје ја има во ГА-МА АД Скопје, а вредност на зделката во апсолутен износ е 2.015.382.127,00 денари, односно 24 отсто од вредноста на активата на друштвото определена врз основа на последните објавени финансиски извештаи заклучно со 30.06.2021.
„Висината на зделката е утврдена врз основа на извршена проценка на капиталот од овластен проценител, со која се утврдува пазарната вредност“, се вели во известувањето до берзата, во кое стои дека корисници на зделката се Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје.
Станува збор за реализација на одлуката донесена уште во октомври 2019 година со која беше одобрена продажба на акцијата во сопственост на Макпетрол во Га-МА АД Скопје на Владата на Македонија по цена од 32.773.905 евра, во денарска противвредност по средниот курс на еврото според курсната листа на НБМ на денот на пријавување на трансакцијата на Македонската берза.
Како што е познато, спорот околу сопственоста на овој капитален инфраструктурен објект траеше долго, при што беше поднесено барање за медијација пред Енергетската заедница, со цел решавање на сопственоста на Макпетрол и Владата во ГА-МА, што резултираше со одлуката за продажба на акцијата која ја поседува Макпетрол по пазарна цена согласно извршената процена од овластени проценители.
За државата решавањето на овој спор е од големо значење. Како што е предвидено во Законот за енергетика сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија, а преку државната компанија МЕР АД Скопје во тек е изградба на магистралниот гасовод низ целата држава и во иднина по изградба на целосната мрежа, за непречено функционирање, потребно е овој гасовод што го гради МЕР АД Скопје, да се спои со системот на природен гас со кој сега управува ГА-МА АД Скопје.