Македонските и бугарските историчари на состанок во Скопје – овој пат фокусот е на антиката
Антиката и начинот на кој таа е прикажана во учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто во Северна Македонија ќе бидат во фокусот на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, кој денеска и утре се одржува во Скопје.
Целта на состаноците, како што велат од Комисијата е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Претходниот состанок се одржа во Софија, а денеска и утре членовите на оваа мешовита комисија ќе се обидат да ги усогласат ставовите за античкиот период и како тој дел од историјата во учебниците да биде прикажан на начин кој нема да биде навредлив за никого.
Директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев во интервју за МИА, кое го даде за време на претходниот состанок на Комисијата, што се одржа на почетокот на април, појасни дека двете страни веќе имаат разменето забелешки не само за антиката, но и за праисторијата и средниот век.
Како проблематично и за едната и за другата страна се јавува, како што појаснува Ѓоргиев, на пример картографското претставување на одредени територии во праисторијата, во антиката и средниот век.
-И во нашите и во бугарските учебници има рефлексија на 19-вековните и 20-вековните претстави на националните држави, кои се рефлектираат далеку во праисторијата, во антиката. Има национализација на одредени процеси во антиката, во средниот век, национализација во современа смисла од денешен аспект, давање на национален карактер на некои процеси кои се случувале пред 2000 години и повеќе. Идејата е да се избегне тоа за нешто што се случувало во далечното минато и да се тргнат навредливите теми, кои и едната и другата страна ги смета за навредливи и за несоодветни во учебниците по историја, со кои не треба да се воспитуваат идните генерации, истакна Ѓоргиев во интервјуто за МИА.
Во своето работење Комисијата поаѓа од тоа дека не може да се игнорираме заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности и оти во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории, напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.
Освен за учебниците, Комисијата ги разгледува и прашањата за заеднички чествувања. Целта на заедничките чествувања, како што појасуваат од Комисијата е одредено историски личности наместо извор на конфликти, да претставуваат симбол за приближување. Тука се Цар Самоил, Свети Наум, Светите Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Григор Прличев, настани како Илиндеското востание. Како периоди каде ќе треба да се вложат поголеми напори за да се приближат ставовите и да се постигне решение, кое ќе ги поврзе двете држави, но нема да биде навредливо за националните чувства ниту на едната, ниту на другата е перидот на 19. и 20. век.
Во светски рамки, како што велат од Комисијата, постојано се врши ревизија на учебници. Постојат голем број пример каде со вакви комисии се решаваат несогласувањата меѓу земјите, но сепак процесот може да трае и по неколку години.
Комисијата откако ќе постигне согласност за одредено прашање доставува препораки до владите, кои пак преку министерствата за образование може да ги спроведат промените.
Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно членот 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Ангел Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.