Македонските гастроентеролози во глобална акција за борбата со потхранетоста предизвикана од болести
Македонското здружение за ентерална и парентерална исхрана се приклучува кон глобалната акција за борба со потхранетост предизвикана од болести, преку потпишување на Декларација со која се признава правото на нутритивна поддршка како посебно човеково право.
Како што информираат од Клиниката за гастроенетерохепатологија Декларацијата ја потпишала претседателката на Здружението, проф. д-р Калина Гривчева Старделова на меѓународен конгрес кој во организација на Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам се одржува во Виена.
На настанот присуствувале лекари и претставници на здруженија на пациенти, а формална поддршка за Декларацијата дале повеќе од 75 лекарски здруженија и организации, како и здруженија на пациенти. Декларацијата има за цел да ја подигне јавната свест и да иницира глобална акција против потхранетоста, предизвикана од различни заболувања.
-Потхранетоста или малнутрицијата е честа и многу сериозна состојба кај пациенти кои страдаат од акутни и хронични заболувања. Таа го зголемува ризикот од смртност на пациентите и негативно влијае на квалитетот на нивниот живот. Затоа сметаме дека нутритивната поддршка е клучна за ефикасна превенција и третман на потхранетост и може значително да го подобри исходот од болеста. Декларација го признава правото на артефицијална исхрана, која се дава преку вена или преку сонда, како едно од човековите права и тоа е важен чекор кон обезбедување пристап до оптимална исхрана, истакнала Стаределова.
Декларацијата е прв од ваков вид глобален консензус посветени на подигање на свеста за важноста на потхранетоста и истакнување на недостатокот на нутритивна поддршка за луѓето кои страдаат од хронични и акутни заболувања.