„Македонскиот народ е библиски“: Сиљановска ја започна посетата на САД со литургија во црква во Њу Џерси


 

ЊУЈОРК – Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја предводи македонската државна делегација која ќе учествува на Генералното собрание на ОН, ја започна денеска посетата на САД со литургијата во цквата „Свети Никола“ во Тотова во Њу Џерси по повод празникот Рождество на пресвета Богородица – Мала Богородица. Претседателката на средбата со припадниците на македонската дијаспора во Њу Џерси најави дека наскоро ќе иницира формирање на Совет за соработка со дијаспората. 

„Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е Советот за соработка со дијаспората“, рече Сиљановска-Давкова. 

Претседателката заедно со припадници на нашата дијаспора присуствуваше на литургијата по повод празникот, а потоа имаше кусо обраќање и разговор со нив. 

Не случајно, рече Сиљановска-Давкова, македонскиот народ е библиски и тоа ќе нѐ следи секогаш. 

Парохискиот свештеник Дејан од црквата „Свети Никола“ рече дека во северниот дел од Њу Џерси гравитираат 50 до 60 илјади Македонци околу оваа црковна заедница и околу „Св. Кирил и Методиј“.

Веќе од утре почнуваат часовите по македонски јазик и по фолклор во рамки на црквата, која во првата недела од ноември се одбележува 30-годишнината од осветувањето на црквата.  Отецот Дејан рече дека дека е многу важно што „нашите дечиња коишто доаѓаат овде се на возраст од 6 до 12 години и од најмали нозе може да ја предадеме нашата православна традиција. Исто така да комуницираат со наши, да не се изгубиме и да се претопиме како тоа што се случува со втората и третата генерација“,н. 

На средбата присуствуваше и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Македонската делегација попладнево по американско време ќе го посети Граѓанскиот центар „Дебар“ и ќе биде пречекана од оџата Омер Кадри и од претставници на нашинци од Дебар и околината. 

Во САД официјално се регистрирани околу 72.000 македонски државјани, но се проценува дека се над 200.000. (МИА)