Македонски владици на заедничка литургија со бугарските во Пловдив
Пловдивскиот владика Николај ги собра двајцата македонски митрополити – дебарско-кичрвскиот Тимотеј и брегалничкиот Илиарион – во црквата „Света Марина“ во Пловдив и речиси три часа заедно служеа архиерејска света литургија. Ова се случува за прв пат откако Македонската православна црква ја доби својата автономија.
„Денеска е голем христијански празник – средба Господова. За нас е голема духовна радост што токму на овој светол празник ги запознавме нашите драги браќа. Десетици години оваа радост ни беше одземена од причини што повеќе не се важни. Значи, раната денес е затворена“, рече во својата проповед митрополитот Николај.
Според него, 55 години двете цркви – бугарската и македонската – морале да чекаат на благословената средба.
„БПЦ со солзи се помоли на Господа да ги просветли умовите и срцата на сите од кои зависеше оваа заедничка литургија. На нашите верни браќа им беше одземена можноста да служат заедно“, истакна Николај.
Свештениците потсетија дека Македонската православна црква се прогласи за независна во 1967 година, но беше призната од Вселенската и Српската патријаршија дури во 2022 година.
„Црквата не признава граници и ограничувања, ги опфаќа сите“, рече пловдивскиот владика и потсети дека пред повеќе од 10 години во Пловдив беше осветена нова црква која го носи името на Свети Климент Охридски.
Дедо Николај се присети дека во тоа време од митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј побарал парче од моштите на светителот.
„Тогаш одговоривте и дојдовте, но за жал не можевме да служиме заедно“, се наврати пловдивскиот владика пред години. На Тимотеј уште тогаш му беше доделена највисоката чест на Пловдивската епархија – орденот „Свети апостол Ерм“ – прв степен, кој, сепак, му беше доделен дури денес.
„Не направив ништо повеќе од она што треба да го направи вистинскиот христијанин и проповедник на словото Божјо. Да даде Господ оваа љубов, која се манифестира денес со заедничката свештеничка служба во овој прекрасен храм, да трае отсега до крајот на времето“, се заблагодари Тимотеј.
За време на богослужбата, полицијата ја затворила улицата која води до црквата „Света Марина“.