Македонски кол-центри се вмешани во една од најголемите сајбер измами во Европа
Според германските истражители, Биниашвили раководел со кол-центар во Тирана, со околу 600 вработени, кои ги убедувале граѓаните од Германија, Австрија и Швајцарија да вложуваат огромни суми на измамнички платформи. Инвеститорите губеле сè, а измамата често била промовирана преку лажни реклами со познати личности и политичари.
Се наведува дека соучесници на Биниашвили биле и поранешни советници и бизнисмени од Балканот, некои од кои сè уште се наоѓаат во странство избегнувајќи екстрадиција. Македонската полиција, преку Секторот за компјутерски криминал, е вклучена во истрагата, но деталите за бројот на кол-центри и осомничени лица во земјата остануваат нејасни.
Во декември 2025 година, водечко лице од кол-центар на „Mилтон груп“ во Македонија беше правосилно осудено на четири години затвор, но јавноста сè уште нема официјални информации за идентитетот и судењето на осудениот.
Германските власти продолжуваат да истражуваат и други членови на криминалната мрежа, која со години ја злоупотребувала довербата на европските граѓани преку лажни инвестиции. Ова откритие ги отвора прашањата за опфатот на сајбер измамите и заштитата на граѓаните од вакви криминални шеми.