„Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“ во македонскиот КИЦ во Белград

Во рамки на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик, денеска во македонскиот КИЦ во Белград, ќе се реализира проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“.
Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели кои се и лауреати на врвни европски книжевни награди, ќе разговараат со свои колеги писатели и преведувачи од Србија- со познатата српска поетеса Ана Ристовиќ, исто така лауреат на врвни европски книжевни награди, како и со Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик.
Македонско-српските дијалози за книжевноста ќе бидат збогатени со читање стихови од стихозбирката „Длан и нетакнуто“ од Никола Маџиров, преведена на српски јазик од Билјана Андоновска и од романот „Страх од варвара“ од Петар Андоновски, во превод на Милена Илиќ.
Авторите ќе читаат на македонски јазик, а на српски јазик нивната книжевност ќе ја интерпретира актерот Александар Стоименовски.
– Се вклучуваме во државното одбележување на Денот на македонскиот јазик преку македонско-српски дијалози на тема како преку јазикот „што е нашта единствена татковина“, ги надминуваме нејзините граници и стануваме неодвоив дел од европските и светските книжевни врвови. Затоа на оваа тема ќе дебатираат македонски и српски добитници на врвни европски книжевни награди и признанија, изјави за МИА, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.