Македонската филхармонија ја воодушеви публиката во Белград

Македонската филхармонија под диригентство на Габриел Бебешелеа и пијанистот Дино Имери, синоќа во Коларац во Белград, пред преполна сала имаа незаборавен концерт. Ова е историски миг и за Филхармонијата и за македонската култура, оцени директорката на Филхармонијата, Тина Иванова Бејков.
Дино Имери го изведе концертот за клавир и оркестар од Чајковски, потоа Патетичната симфонија од Чајковски и македонското дело Пијан Танец – Пајдушко од Сони Петровски.
Концертот во Белград е мошне значаен за македонската култура и за соработката меѓу македонската и белградската филхармонија, изјави „волшебникот на пијаното“, како што го најавија белградските медиуми, Дино Имери.
„Со голема одговорност и задоволство пристапив на оваа задача, бидејќи амбиентот во Белград е прекрасен. Ова не е мое прво гостување тука, но е мое деби во Коларац, каде секој уметник би сакал да се најде. Соработката со нашата Филхармонија секогаш ми претставува задоволство бидејќи тие се врвни професионалци и уметници. За прв пат настапувам со Габриел Бебешелеа, што е исто големо задоволство“, изјави Дино Имери.
Публиката во Белград со повеќекратни биса и големи аплаузи уживаше во изведбата на Филхармонијата и Имери.
Концертот беше организиран во соработка со Белградската филхармонија во рамките на регионалната соработка Отворен Балкан.