Македонската економија е со посилни фундаменти во споредба со кризата од 2008 година


Македонската економија ја минува ковид-кризата со посилни фундаменти и е помалку ранлива споредено со периодот на глобалната финансиска криза од 2008 година, истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска на 86. издание на „Ист жур фиксе“ – настан во организација на Централната банка на Австрија, којшто оваа година, заради околностите со пандемијата се одржа во виртуелен формат.

Според неа, тоа е видливо преку повеќе сегменти, вклучително и преку посилната надворешна позиција на економијата, повисокото ниво на девизните резерви, како и преку отпорноста на банкарскиот систем.

Вицегувернерката Митреска даде осврт на случајот на македонската економија како говорник на втората сесија на којашто се дискутираше за последиците од Ковид-19 врз макрофинансиската стабилност.

На настанот, како што соопшти Народната банка, фокусот секогаш е ставен на актуелни теми и прашања за централнобанкарската заедница, а годинешното издание беше на тема „Сѐ за ковид-19 – геополитички, економски и макрофинансиски перспективи на земјите од Западен Балкан”.

Во своето излагање, вицегувернерката стави акцент и на каналите преку кои ковид-кризата се пренесува во домашната економија, укажувајќи на каналот на доверба и очекувања како битен фактор за намалувањето на потрошувачката и инвестициите. Понатаму, таа се осврна на каналот на трговските врски и намалената надворешна побарувачка, како фактори коишто имаат неповолен ефект врз извозот, а во услови на вклученост на економијата во глобалните производствени синџири.

„Сепак, податоците покажуваат дека овие ефекти се краткотрајни и во услови на отворање на економиите, тие постепено се исцрпуваат. Всушност, структурата на економијата и на извозната база, во коишто доминираат стоките, а не услугите, претставува компаративна предност во овој период, што може да овозможи побрзо закрепнување на кус рок во однос на некои други економии.“ – посочи Митреска.

Посебен акцент стави и на дознаките, коишто со оглед на специфичноста на кризата бележат намалување.

Во однос на монетарната политика и регулаторните промени, вицегувернерката посочи дека од почетокот на ковид-кризата, Народната банка ги релаксира монетарните услови. Намалувањето на основната каматна стапка, обезбедувањето дополнителна ликвидност, реактивирањето на неконвенционалната мерка на задолжителната резерва, но и овозможувањето на регулаторна флексибилност со цел намалување на финансискиот товар за компаниите и граѓаните се дел од преземените мерки, коишто Митреска и ги посочи во дискусијата на настанот.

„Целиот овој пакет на мерки овозможи релаксирање на финансиските услови и олеснување на пристапот до финансирање, со што се ублажува ефектот од ковид-кризата врз домашната економија.” – истакна вицегувернерката.

На крајот на излагањето, таа ја нагласи и исклучително високата неизвесност присутна кај економиите, со оглед на здравствениот карактер на кризата, како и потребата од внимателно следење на сите текови.

Учеството на овој значаен меѓународен настан, вицегувернерката Митреска го искористи и за одделни дискусии со свои колеги од регионот и Европа, коишто во најголем дел беа фокусирани на размена на искуства од досегашното справување со ковид-кризата.