Mакедонската армија го одби барањето на Украина за нова воена помош
Согласно ставот на Генералштабот, за жал овојпат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација, односно од потребата на македонската армија, рече министерката Славјанка Петровска за барањето од Украина за нова воена помош.
Информацијата беше споделена од страна на Министерството за одбрана и Генералштабот на македонската армија, на редовниот годишен брифинг со медиуми.
„Согласно ставот на Генералштабот, кој е суштински многу битен во носењето на одлуката, е дека за жал, овојпат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација, односно од потребата на македонската армија“, посочи Петровска.
Министерката сепак додаде дека има подготвеност за нова обука на украински војници на македонска територија.
„Засега Република Северна Македонија, армијата и министерството остануваат отворени, доколку во иднина се појави потреба од дополнителна обука на дополнителен број нивни припадници. Но, во овој момент немаме најава, односно немаме конкретно побарување за колкав број припадници на украинската војска и каков вид обука ќе бидат извршени“, рече Петровска.